Здравје

Како се развива синдром на иритабилно црево кај децата

Ако вашето дете често страда од дигестивни тегоби, можеби е време да размислите за неговите животни навики, првенствено прехранбени. Имено, надуеноста и болките во стомакот, гасовите, дијарејата, запекот или комбинација од овие, се симптоми кои упатуваат на често нарушување во дигестивниот систем – синдром на иритабилно црево кој сè почесто и сè повеќе ги опфаќа и најмладите. Причините за тегобите се многубројни: недостиг на движење, психолошки фактори, но пред сè нездрава исхрана.

Тегобите кај децата што имаат синдром на иритабилно црево често ги предизвикуваат комплексните јаглехидрати од одредени намирници, а, пред сè, од слаткото овошје. Кратенката за нив е FODMAP, преземена од англиски јазик, а се работи за ферментирани олигосахариди, дисахариди, моносахариди и шеќерни алкохоли, полиоли. Бидејќи сложените јаглехидрати не се варат во тенкото црево, преминуваат во дебелото и предизвикуваат задржување на водата, што доведува до нарушување на варењето. Исто така, бактериите во дебелото црево ги користат како своја храна, ги ферментираат и како последица доаѓа до ослободување на голема количина гасови, пред сè, водород и метан. Во некои земји болеста се дијагностицира по таканаречени издишувачки тестови (се мери количината на овие гасови во издишан воздух).

Препорака е да се избегнуваат намирници со висока содржина на FODMAP, односно тешко сварливи јаглехидрати. Во првата, елиминациска фаза, која е привремена и трае 4 недели, треба да се избегнуваат слатки јаболка, круши, праски, диња, лубеница…

Исто така, се препорачува да се исфрли млекото, како и млечните производи што содржат лактоза, бидејќи и таа спаѓа во FODMAP. Од зеленчук во елиминациската фаза, детето не смее да јаде мешункасти плодови, лук, зелка, брокула и карфиол. Неопходно е да се избегнуваат мед, слатки, чоколада, сладолед и овошни сокови.

Интересно е што чајот од камилица, за кој многумина се уверени дека не може да штети, всушност содржи многу FODMAP, а и им создава проблеми на сите пациенти со синдром на иритабилно црево. За време на примената на оваа диета, кај 70 отсто од малите пациенти се очекува значително намалување или целосно исчезнување на симптомите. Потоа следува фазата на постапно воведување намирници. Во текот на неколку месеци се очекува детето добро да ги поднесува поголемиот број намирници. Меѓутоа, треба да се очекува дека ќе има неколку намирници кои детето нема да ги поднесува и кои ќе мора трајно да се елиминираат од неговата исхрана.

Автор: Дуња Ладиќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top