Центарот за контрола и превенција на болести на САД во четвртокот издаде предупредување до лекарите низ целата земја известувајќи ги за група тешки и необјаснети случаи на хепатит кај инаку здрави деца. Помеѓу октомври 2021 и февруари 2022 година девет деца на возраст од 1 до 6 години во Алабама биле примени во болница со акутен хепатит; на две им биле потребни трансплантации на црн дроб.

Слични случаи се појавиле и во Северна Каролина, како и во Европа. Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство пријавила повеќе од 100 случаи на ненадеен хепатит кај деца под 10 години од јануари 2022 година, од кои на 10 им била потребна трансплантација на црн дроб.

Еве што знаеме за овие случаи на хепатит и на кои симптоми треба да внимаваат родителите.

Што е хепатит?

Хепатитот е широк поим што се користи за опишување воспаление на црниот дроб, орган кој извршува стотици основни функции секој ден, од помагање на варењето до чистење на токсините од крвта. Кога црниот дроб е воспален или оштетен, тој не може да изврши многу од тие задачи.

„Акутен“ хепатит се однесува на воспаление кое се јавува релативно брзо и не трае повеќе од шест месеци. Тоа може да биде сериозно и да доведе до откажување на црниот дроб, како што беше случајот со неколку деца во Алабама. Но, хепатитот може да биде и релативно благ. Не е невообичаено пациентите – особено децата – да имаат воспаление на црниот дроб за време на едноставна, некомплицирана вирусна болест, објасни д-р Александар Вејман, директор на Центарот за црниот дроб во Националната детска болница во Колумбус, Охајо.

На кои симптоми треба да внимаваат родителите?

Симптомите на хепатит се широки и се преклопуваат со многу вообичаени болести. Детето со хепатит може да има температура (ниска или позначајна), замор, болки во зглобовите или мускулите, губење на апетитот или гадење, дијареја и повраќање.

Децата, исто така, може да имаат абдоминална болка или осетливост, особено во горниот десен дел на стомакот, каде што се наоѓа црниот дроб, вели д-р Вејман, и важно е да се побара итна медицинска помош секогаш кога детето ќе покаже знаци на силна болка при допир на стомакот. Лекарите може да разгледаат други можни причини за болки во стомакот, како што е слепо црево. Некои деца може да имаат потемна урина или бледа столица, или столица со глинена боја. Жолтица, или пожолтување на кожата и очите, е карактеристичен знак за хепатит – иако е можно да има значително воспаление на црниот дроб и да нема знаци на жолтица.

– Првата промена е во очите; белиот дел пожолтува – вели д-р Вејман. Тој истакнува дека може да биде потешко да се открие жолтица кај децата што имаат потемна кожа, па родителите треба сериозно да ги сфатат дури и суптилните промени.

– Типично, нема да се види „драматична“ жолтица додека воспалението или дисфункцијата на црниот дроб не напредува прилично многу – вели д-р Вејман. За хепатитот може да има многу причини, од автоимуна болест до несакани ефекти на одредени лекови. Најчесто тоа е предизвикано од еден од петте вируси на хепатит (хепатит А, Б, Ц, Д и Е). Во зависност од видот, вирусниот хепатит може да се шири преку контакт со крв и други телесни течности или фекална материја или преку консумирање сурово или недоволно варено месо. Но, вирусниот хепатит е исклучен во неодамнешните педијатриски кластери во САД и во странство.

Наместо тоа, Центарот за контрола и превенција на болести на САД се сомнева дека аденовирусот ги предизвикува актуелните случаи, иако здравствените власти предупредуваат дека истрагата е во тек.

Што можат да направат родителите?

Иако здравствените власти не се сигурни дека аденовирусот ги предизвикува неодамнешните кластери на хепатит, родителите можат да преземат чекори за да го спречат преносот. Аденовирусот се шири од човек на човек преку респираторни капки или преку допирање површина контаминирана со аденовирус. Децата треба да се охрабруваат често да ги мијат рацете и да избегнуваат допирање на лицето и устата до степен до кој е можно – многу од истите мерки што помагаат да се спречи ширењето на ковид.

Родителите, исто така, треба да запомнат дека предупредувањето не е повик за акција или аларм. Севкупниот ризик здраво дете ненадејно да развие тежок хепатит останува исклучително низок. Здравствените власти едноставно сакаат да ги предупредат педијатрите и другите даватели на здравствени услуги кои може да видат млади пациенти со хепатит дека треба да направат проверка и за аденовирус.

Третманот варира во зависност од типот на хепатит што го има детето. За некои видови вирусен хепатит постојат лекови кои можат да го потиснат или елиминираат вирусот, рече д-р Вејман. Но, за огромното мнозинство случаи – како кога детето доаѓа со воспаление на црниот дроб и аденовирус – лекарите се фокусираат на спречување компликации.

Ако се загрижени за симптоми како што се летаргија, болка или промени во тонот на кожата или очите, контактирајте го педијатарот на вашето дете за итна процена.

Извор



912

X