Се слуша и рок-музика, но и тажна и весела, а и гласна и тивка. Притоа се следи реакцијата на децата на сите стилови на музика. Од нивната реакција може многу да се открие за нивниот психо-физички развој. Без разлика на стилот на музиката, децата сакаат да слушаат музика и се радуваат на песни кои веќе ги слушнале, вели музичкиот педагог Марјан Атанасовски

„Слушајте музика и пуштајте им музика на вашите деца. Следете како тие реагираат на музиката, така подобро ќе го разберете нивниот емотивен баланс. Музиката е лек за многу состојби, таа е среќа, а децата треба да се среќни и насмеани“.

Вака музичкиот педагог Марјан Атанасовски, кој веќе седум години работи во детската градинка „Буба мара“ во скопската општина Аеродром, ја објаснува потребата децата уште од најмала возраст да бидат опкружени со музика, но и со соодветна музичка едукација.

Марјан Атанасовски

Привилегијата да се има музички педагог ја имаат поголемите градинки во главниот град, но и другите градови во државата.

Иако пандемијата на ковид-19 ја запре работата на музиколозите во детските градинки, сепак, тие од ноември годинава, со измена на  протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца, повторно застанаа на сцена меѓу децата во сите објекти.

– До измената на протоколите, како стручни соработници не можевме да влегуваме во групите со деца. Но, како музички педагог, постојано изготвував музика на цедиња, давав насоки и предлози за песни до целиот воспитно-згрижувачки кадар со цел децата постојано да бидат во тек со активностите што ги предвидов во годишната програма, а беа адаптирани во услови на пандемија – објаснува Атанасовски.

Се слушаат детски песни, но и гласен рок

Секој ден им го посветува на децата од различен објект на градинката.

– Нашите часови се интерактивни. Со помош на музиката ги наведуваме дечињата да ги активираат нивните сетила за слух, а со тоа се развива и моториката. На пример, да плескаат со рачињата, да тропаат со нозете, да се вртат на одредени звуци, да препознаваат одредени тонови, музички инструменти и слично – додава музичкиот педагог.

Според него, детските песни го заземаат главниот дел од часовите.

– Тука се и класичната музика, македонскиот фолклор и традиционалните игри кои се во склоп со инструментите што ги изучуваме. Се слуша и рок-музика, но и тажна и весела, а и гласна и тивка. Притоа се следи реакцијата на децата на сите стилови на музика. Од нивната реакција може многу да се открие за нивниот психо-физички развој. Секое дете не сака гласна или, пак, тажна музика. Без разлика на стилот на музиката, децата сакаат да слушаат музика и се радуваат на песни што веќе ги слушнале – вели тој.

Атанасовски посочува и дека во текот на годината имаат многу музички теми на кои активно работат.

– На пример, детска недела, државни празници, меѓународни празници, новогодишни приредби, пролетни приредби, завршни приредби. Сите тие се поткрепени со посебни музички активности. Другите денови се работи според нашиот годишен план креиран од воспитувачите и педагогот во градинката – додава тој.

Во градинка биле откриени многу музички таленти

Главен инструмент на кој Атанасовски им свири на децата е пијаното, кое го има во сите објекти на градинката. На него свири само тој.

– За свирење на пијано, но и на повеќе музички инструменти, потребни се индивидуални часови за секое дете. Тука работиме во групи и тоа, за жал, не е возможно. Но, со дел од ударните инструменти работиме сите заедно, со цел да ги почувствуваат и да пробаат да создадат одредена музика. Во музичките работилници заедно со децата изработуваме и екоинструменти – објаснува тој.

Вели дека од насмевките на децата се гледа нивната желба за часовите по музика.

– Тие сакаат да пееме, да свириме, да слушаат и да препознаваат музика. Што се однесува до музикалноста кај децата, тоа е индивидуално. Секое детенце е различно, некои се повеќе музикални, а некои помалку, како и за сите други работи во животот – додава тој.

Сепак, вели дека токму во градинка биле откриени многу таленти кои денес се познати имиња во светот на музиката.

Музика за дисциплина, но и за концентрација

Атанасовски вели дека уште од најмала возраст, уште од утробата на мајката, децата ја чувствуваат и ја слушаат музиката. Смета дека децата што слушаат музика се среќни и ги достигнуваат стандардите на ран детски развој. Секое дете треба да е вклучено во музиката, да ужива и да се релаксира.

– Музиката помага децата да го развијат слухот, а со тоа и дел од моториката. Со слушање музика се подобрува расположението кај секое дете, се зголемува задоволството. А со тоа и хормонот на среќа расте. Музиката и песната го збогатуваат речникот на децата. Кога се обидуваат да ја испеат новата песна, ги зајакнуваат јазичните вештини и ја подобруваат меморијата. Музиката и песната ги градат самодовербата, дисциплината и концентрацијата на децата. Со помош на музиката децата учат да бидат трпеливи, а истовремено и креативни. Затоа постои и музикотерапија, која покажала многу голем ефект врз децата – објаснува тој.

Терапија и за дечиња со тешкотии во говорот

Смета дека децата чувствуваат кога некој им приоѓа со љубов и разбирање.

– Тие чисти души го впиваат секој мој кажан збор, секоја моја отсвирена нота, песна. Заедно се релаксираме и кога ќе стапнам на таканаречено детско скалило, ме прифаќаат како нивен другар и учител. И тогаш сѐ е полесно – вели тој.

Мотив да се труди и повеќе да вложува му е работата со дечиња кои имаат тешкотии во говорот.

– Тоа се дечиња кои се трудат многу повеќе од другите за да го постигнат истиот ефект. Во нив секогаш се вложува посебен труд и енергија, а позитивниот ефект на крајот е што се чувствуваат исто како другите – заклучува тој.

Секој ден, според Атанасовски, е нов предизвик – секоја приредба да ја направат подобра од претходната. Предизвик е целата негова работа со дечињата. Но, како што вели, тоа е и задоволство.

– Предизвик ми е тажното дете да го насмеам и разиграм. Предизвик ми е и срамежливото дете да ја испее новата песничка на цел глас. Предизвик ми е и тоа детенце што не сака да игра, да ја изигра утрешната претстава докрај. Предизвик ми е секое дете како индивидуа да го раздвижам и психички и физички, насмеано да си отиде од мојот час – заклучува музичкиот педагог.

Фото: приватна архива



912

X