Играњето со коцки е неизбежен дел од растењето на секое дете. Без разлика на трендовите, коцките како играчки се користат со генерации и го разубавуваат секое детство. Се разбира, при изборот на коцки за вашето дете, пред сè, мора да ја имате на ум неговата возраст. Малите, ситни коцки во никој случај не се погодни за помали деца бидејќи лесно можат да ги голтнат.

Се препорачува да ги користат по шестата година, додека за помалите деца се погодни поголемите коцки, а за бебињата меки коцки без остри рабови.

Без разлика на сето тоа, сите ги имаат овие заеднички карактеристики.

Го поттикнуваат развојот на креативноста и имагинацијата

Додека ги градат своите креации со коцки, замоци, бродови, патишта животни и мостови, децата ја изразуваат својата креативност и ги учат сите начини на кои таа може да функционира. Нема граници. Не е невообичаено детето во текот на играта да почне да зборува само со себе, на предметите што ги направило да им дава карактеристики на живи суштества и да создава некаква интеракција со нив, а сето тоа дополнително ќе влијае врз неговата имагинација. Кога ќе забележите дека децата играат на ваков начин, оставете ги да создадат своја мала империја. Нека тече природната игра.

Играта со коцки придонесува за моторичкиот развој

Бебе старо неколку месеци, обично меѓу пет и седум, почнува самоиницијативно да зграпчува предмети околу себе, но сè уште не може долго да ги држи в рака. Кога ќе наполни една година, неговиот стисок станува покомплексен, па може да држи некој предмет подолго време, да го спушти, повторно да го подигне итн. Тогаш бебето е подготвено да си игра со коцки соодветни за возраста (меки и големи) и да гради разни „инсталации“ со нив.
Така тоа учи за движењата и светот. Како што расте, грубата моторика се заменува со фината моторика, а исклучително е важно тој процес да се поттикнува уште од мали нозе. Коцките играат голема улога во ова. Преку играта со коцки се координираат движењата на прстите и на очите.

Се развива логичко и критичко размислување

Додека детето ги реди коцките, мора да размисли за нивното распоредување. Прво ги набљудува, а потоа почнува да ги групира по бои, големини или системи познати на самото дете. Сè што прави, дури и да му се рушат коцките неколку пати, придонесува за неговото критичко и логично размислување. Создава асоцијации во мозокот кои ги поврзува со она што веќе го научило.

Дополнителен совет: играјте со вашето дете со коцки што е можно почесто. Сетете се како било кога и вие сте уживале играјќи со коцки како деца. Но, оставете го детето да води. Не наметнувајте му ги своите идеи.

Извор



912

X