Христина Стефановска, лиценциран психолог

Христина Стефановска, лиценциран психолог

Е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Детски психолог

Повеќе од авторот

Ако книгата е привлечна за вашето дете, тоа сигурно ќе бара да му ја прочитате многу пати

Мозокот е орган за преживување кој се формира во првите пет години од животот. Во тој период на адаптација мозокот прифаќа сè што му нуди околината. Така родителите кои од мали им читаат на децата создаваат врска со нив преку книгата. Ако, на пример, на дете му се чита книга од 19 до 19:20 часот, тоа ќе го памети цел живот.
Читањето треба да се приспособи на возраста на детето! Со книга децата треба да се сретнат уште во првите месеци од нивниот живот во вид на гумени или тврди, но безбедни за бебето сликовници, како на пример едицијата „За мојата бања: Море; Витези; Принцези“.

Најнапред читањето треба да почне како една од најнеопходните активности во вечерните часови, од која не треба да отстапуваме, напротив, со секојдневното читање да ја претвориме во ритуал.

Креветот е место за безбедност и удобност, односно обезбедува идеални услови за внимание и учење, т.е читање книга. Во текот на денот, во градинка, во училиште и дома, децата се изложени на стрес, очекувања, непријатни емоции (како тага, страв или лутина) и информации кои го подигнуваат нивото на хормонот кортизол во крвта. Но, кога ќе дојде вечерта и детето ќе биде безбедно, ќе се смири, а со тоа и нивото на тој хормон опаѓа. За таа цел, приказната за добра ноќ е дополнителна алатка во која детето се смирува и се подготвува за одмор и спиење.

Меѓу втората и третата година детето треба да биде мирно и охрабрено во однос на тоа „кој е“ и да отпочне потврдувањето на неговата личност. Затоа, добри книги во овој период се оние што го одразуваат секојдневниот живот на детето и неговата околина, оние што содржат приказни со едноставна содржина. Во овој период важно е детето да научи да прави разлика помеѓу имагинарното и реалното. Ви ја предлагам книгата „Сакам-нејќам“. Приказна која ја обработува не/послушноста кај децата преку две близначиња, наменета за сите деца, особено оние што одат во градинка. Исто така, и песните за деца „Мацо каракацо“.

Помеѓу третата и четвртата година детето сака книги кои се одраз на неговиот живот, но и да ги прошири своите знаења и да зборува за емоциите што за него се нови. Таквите книги подоцна ќе му помогнат да се справи со ситуации кои за него дотогаш биле непознати. Во тој дел убаво е да се отпочне со едицијата десетина книги „Вредности“, кои всушност помагаат во градење на карактерот и свеста на детето. Или пак басните на Езоп, за кои е карактеристично тоа што во нив главни јунаци се животните што зборуваат со јазикот на луѓето. Иако во тие басни човекот е претставен преку некое од многуте животни, сепак, тој е централно суштество, и во секоја басна е опишан некој човечки порок или некоја негова слабост: човечката лакомост, завидливост, подмолност, но и многу човечки доблести: добрината, пријателството, гостопримството, чувството за правичност, здравиот разум итн.

Помеѓу четвртата и петтата година земете книги кои ќе му помогнат на детето да го разбере светот околу него. Тоа може да бидат повеќе приказни кои имаат повеќе описи и помалку илустрации. На оваа возраст детето ќе сака да прочита нешто што е од интерес за него, но и нешто што му е лесно. Предлaгам да се изберат книги кои се добро напишани, да читаат песни (поради рима на зборовите), како и хумористични книги. На пример, изданијата од „Светот на Биби“; „Зошто ништо не е по мое-Не е фер“; „Леле што е тоа што шушка толку страшно – Се плашам“ и уште многу други детски грижи илустрирани и напишани од Бел Муни. Книгите имаат терапевтски пристап кон детето читател.

Од петтата година поттикнете го вашето дете да избира повеќе книги, помалку слики и посложени дејства. Можете да почнете да читате книги кои содржат поглавја. Исто така, сугерирајте му на детето редовно да ги користи атласите и притоа да употребува вокабулар. Ви препорачувам да продолжите да ги читате текстовите што содржат хумор, игри со зборови и поезија.
Ако книгата е привлечна за вашето дете, тоа сигурно ќе бара да ја прочитате многу пати.



912

X