Еден мој пријател работи 16 часа на ден поради лансирањето на неговиот бизнис. За да стигне со работата, тој не вежба и малку спие.

– Но, барем навечер сум со моите деца. Можеби работам, ама сите сме во една соба – вели тој.

Според класичното истражување на професорите Стјуарт Фридман и Џеф Гринхаус, бројот на работни часови што професионалните работници ги поминуваат со своите деца секој ден не бил најдобриот предвидувач за физичкото и емоционалното здравје на нивните деца. Наместо тоа, поважно е дали на родителите им е одвлечено вниманието кога се со своите деца.

– Ако размислувате за работата кога сте со вашето дете, детето го знае тоа и тоа му влијае – вели Фридман.

Времето и вниманието не се иста работа; постои голема разлика помеѓу физичкото присуство и психолошкото присуство. Може да поминувате време со луѓе, но ако не сте психолошки присутни, никому не му правите добро.

Времето е важно, но поважно е фокусирано квалитетно време кога никој нема да ве прекинува. Истражувањето се фокусираше на она што Фридман го нарекува „внатрешното искуство на работата“:

– Согледаните вредности на родителот во врска со важноста на кариерата и семејството;

– Психолошкото мешање на работата во семејниот живот; Фридман ова го дефинира како размислување за работата кога физички сте со вашето семејство;

– Очигледна контрола над времето поминато на работа.

Тие фактори, наместо количината на време поминато заедно, се во корелација со степенот на покажување проблеми во однесувањето кај децата, нешто што Фридман го чувствува како клучен индикатор за менталното здравје.

На крајот на краиштата, децата имаат помала веројатност да имаат тантруми и да се немирни кога се релативно среќни и се чувствуваат добро во врска со себе.

Сепак, нераспределеното време е само едно парче од сложувалката. Важно е и тоа како се чувствувате во врска со вашата работа. Според Фридман, доколку таткото и мајката се чувствуваат задоволни од својата работа, нивните деца веројатно ќе покажат релативно помалку проблеми во однесувањето, независно од тоа колку долго работеле. Сѐ додека им посветувате внимание на вашите деца, поминувате квалитетно време со нив. Ако си ја сакате работата, но сте расеани, тогаш го губите влијанието врз вашите деца за вашата страст кон вашата работа.

– Психолошката достапност и присуство на родителот, кои ги нема кога родителот е на некаков дигитален уред, е поврзано со деца кои имаат емоционални проблеми и проблеми со однесувањето – вели Фридман.

Едноставно кажано, 30 минути целосно посветени на детето се подобри од 60 минути во кои неколку пати ќе му кажете на детето: „Чекај да проверам е-пошта“. Важно е да правите нешто со семејството во кое ќе бидете 100 отсто вклучени. Вечерајте заедно. Помогнете му на вашето дете со домашните задачи. Гледајте филм заедно. Правете што било, меѓутоа, во тој период целосно посветете му се на детето.

Не е толку тешко колку што мислите. Можеби немате контрола врз тоа колку време поминувате со вашите деца. Но, можете да го контролирате начинот на кој го поминувате тоа време.

Автор: Џеф Хаден
Извор



912

X