Стапката на наталитет расте веќе петта година по ред, но бројот на новороденчиња и натаму е под ЕУ-просекот. Дали парите се пресуден фактор за пораст на наталитетот?
Во Германија се раѓаат сѐ поголем број бебиња, стапката на наталитет расте веќе петта година по ред. Но бројот на новороденчиња и натаму е под ЕУ-просекот. Што преземаат конкретно германските политичари? И како државните стимули влијаат врз наталитетот?
Во 2016 година во Германија се родени 7% повеќе бебиња отколку една година претходно. Тоа воедно е и најголем број новороденчиња во последните 20 години. Бројот на родени деца по жена се зголеми на 1,59, тоа е најголема вредност во Германија уште од 1973 г. Во споредба со другите членови на Европската Унија, Германците и натаму се минимално под просекот (1,6). Најмногу бебиња се раѓаат во Франција (1,92), а најмалку во Шпанија и во Италија (1,34).
Да појасниме: овие податоци покажуваат колку деца добива „просечната“ жена на возраст меѓу 15 и 49 години. За одржување стабилен број жители, тој број би морало да изнесува 2,1. Германската влада издвојува околу 200 милијарди евра годишно за изградба на градинки и други мерки за поттикнување. Многумина сметаат дека детскиот додаток е добра мотивација – особено за доселениците. Дали е тоа навистина така? Дали мигрантите навистина се одговорни за бејби-бумот?
„Па, не баш, барем сѐ уште не. Зашто, статистиките велат дека само секое трето бебе родено во Германија е мигрантско. Но, мигрантите сигурно се мотивирани и од детскиот додаток – 194 евра по дете месечно, а од третото дете и повеќе. Значи, илјада евра месечно за четири, пет деца, па зарем и вие не би сте се фрлиле на работа да ја поправате демографската структура на Германија? Но, шегата настрана. Германската држава на секоја мајка што ќе престане да работи и прави беби-пауза од една година ѝ уплаќа до 1.800 евра месечно за бебето. И ѝ дава законска гаранција за место во градинка. Но кога јас добив бебе, такво нешто немаше. Тогаш се водеше вистинска битка за секое место во градинките. Денес градинките никнуваат како печурки по дожд. А мајките веќе не ги бие глас дека се маќеи само затоа што одат на работа“, вели Јасмина.
Значи има доволно причини за раѓање бебиња. Сепак, стапката на наталитет е различна од покраина до покраина. На нешто побогатиот запад (+8%) се раѓаат повеќе деца отколку на истокот на Германија (+4%). Клучната разлика сепак е меѓу градот и селото. Во поголемите градови бројот на родени деца по жена изнесува само 1,1, додека истата таа стапка кај жените што живеат во помали средини изнесува 1,9. Стапката на наталитет очигледно зависи од многу фактори. Сепак, факт е дека најмногу бебиња се раѓаат во најбогатите германски сојузни покраини Баден Виртемберг и Баварија, во кои живеат претежно – католици.