Звучи апсурдно: во судот во Цвикау, град во Германија, бебето Мила Реинхолд седи на маса за обвинување. Осуммесечното девојче сè уште не почнало да зборува, а веќе има долг од 13 илјади евра што треба да го плати.
Претплата за спортски канал „Скај“, договор за мобилен телефон, компании за здравствено осигурување, трошоци за погреб – листата со долгови на Мила е прилично голема. Зошто? Во септември 2018 година дедото на Мила, Рони, починал. Тој бил пензионер кој имал големи долгови. Мајката на Мила, Софи Реинхолд, и нејзиното момче одбиле да ги платат долговите поради ниските примања, па иако Мила тогаш уште не била родена, таа го наследила долгот.
Одненадеж во поштата на семејството пристигнало известување. Софи била шокирана. „Само помислив – Како да се извлечеме од ова? Што да правиме сега? И потоа отидовме кај адвокат“, вели Софи.
Адвокатот Керстин Борнер го објаснува случајот:
– Ако мајката добие известување од судот, како што се претпоставува, таа треба да го врати долгот за нејзиното дете во период од шест недели и мора да го почитува крајниот рок“.
Кога мајката го одбила долгот заедно со нејзиното поранешно момче, не знаела дека тој може да се пренесе на нејзината ќерка. 19-годишната мајка го пропуштила периодот од шест месеци, па затоа случајот сега е даден на суд. Но, има и добри вести: сопственикот на станот каде што живеел дедото Рони ќе ѝ даде пари на Мила за дел од долгот.
Во секој случај, мајката сака да продолжи да се бори за нејзиното дете да порасне без долгови.
Во Германија, ако не сакате да ги наследите долговите, можете да го одбиете наследството. Отповикувањето мора да се реализира пред судскиот совет или нотар, во период од шест недели, а аплицирањето чини 30 евра. Ако родителите го одбијат наследството, тогаш тоа се префрла на нивното дете. И тука родителите треба да аплицираат за одбивање во период од шест недели.