„Како е на небото, учителке? Се борам, но мислам дека нема да издржам“. Ова е единственото прашање на кое наставничката Светлана Атељевиќ (57) од Белград немала одговор, а ја прогонува и ја боли до ден-денес.

Светлана е малку поразлична од другите учителки во главниот град. Иако секое утро влегува во учителката канцеларија и го зема дневникот, не е сигурна дали повторно ќе ги види истите лица. Наместо во училница, таа предава во Институтот за мајки и деца „Д-р Вукан Чупиќ“, каде што децата се лекуваат од најтешките болести, а повеќето од нив дури и од канцер.

Иако признава дека ѝ е тешко, вели дека со нив ги поминала најубавите години, ги стекнала најубавите искуства и споделила спомени од кои срцето ѝ пее. Еден таков момент ќе памети засекогаш, иако немал среќен крај.

-Нашите ученици созреваат и растат многу побрзо, многу отворено зборуваат за своите болести и за границите меѓу животот и смртта. Имаат само една желба, а тоа е да се вратат кај другарите. Тие се многу одговорни, го сакаат училиштето и со радост нè очекуваат. Многу често нè уверуваат дека можат да учат иако се под терапија. Нивните интереси се широки и секогаш имаат повеќе прашања. Понекогаш нашите лекции се само отворени и искрени лекции за животот. Потоа тргате сè настрана и го следите секој нивни збор, изглед, израз на лицето. На едно прашање немав одговор: „Како е на небото, учителке? Се борам, но мислам дека нема да издржам“. Беше во четврто одделение. Немав одговор на неговото прашање и тој ја загуби битката – раскажува Светлана, потсетувајќи се на слаткото лице кое секогаш ќе го памети, а за жал никогаш нема да има одговор.

Сепак, она што најмногу ја мотивира во работата е исцелувањето на нејзините ученици. Таа живее за денот кога еден од нив ќе може да оди во вистинско училиште, да ги запознае сите прекрасни страни на животот и да изгради иднина за себе. Светлана ни кажува дека работата со овие малечки е специфична и затоа е многу поинтимна. Часовите се индивидуални, се одвиваат во болнички соби и затоа Светлана се сеќава на желбите и надежите на секој од нив.

-Наставата се одвива индивидуално, со секој ученик, во болнички соби. Бидејќи нивните болести се специфични, наставата ја приспособуваме на секој ученик поединечно. Нашето училиште се разликува и по тоа што учениците се запишуваат во текот на целата учебна година. Бидејќи најмногу работев со деца на хематолошкиот оддел, со нив ги споделив сите фази од нивното лекување. Она што најмногу ме мотивира и радува мене и моите колеги – е закрепнувањето на секој наш ученик и продолжувањето на образованието со своите врсници во нивните матични училишта. За жал, има и лоши работи, тоа се изгубени битки и тага која останува – признава оваа учителка.

Поговорката дека здрав човек има илјада желби, а болен само една не настанала случајно, а тоа се покажува и со примерот на овие мали борци. Учителката се присетува на нивните барања кои секогаш биле скромни и едноставни. Тие го сакаат само она што никогаш не можеле да го видат.

-Нивните желби се едноставни и обични. Бидејќи нивниот престој во болница е долг, ми се случило да бараат суви лисја, желади, цвеќиња, сè што се менува во природата и што не го виделе – вели оваа жена.

Како што споменува, се соочила и со најтешкото сценарио. Се случувало и најлошото, никогаш повеќе да не може да ги види истите очи, во кои тлеела надежта до самиот крај. Светлана признава дека не постои училиште што може да го научи човекот како да се справува со тоа.

-Имаше и такви деца кои прерано нè напуштија и тоа се најтешките моменти за сите нас. Нема утеха, а нема ниту училиште што може да нè научи како да се справиме со тоа. Ние во колективот заедно споделуваме солзи и смеа, и радост и тага, и мислам дека сме многу посилни и поповрзани поради тоа, па сум горда што сум дел од таков колектив. Има луѓе кои доаѓаат и минуваат низ нашето училиште, кои не можат да го издржат овој начин на работа, а има и такви кои се таму со целото свое срце и ќе бидат уште многу години – вели таа.

Со оглед на тоа што поголемиот дел од својата кариера го поминала со млади луѓе кои постојано се мачат, Светлана има порака до оние што имале среќа да имаат среќно детство. Вели дека најважно е да покажат љубов, да бидат љубопитни и да го истражуваат светот.

-Тие мали борци ми помогнаа многу похрабро да чекорам низ животот, со многу емпатија кон учениците и нивните семејства кои ја водат најтешката битка во животот. На сите деца на овој свет би им кажала повеќе да се смеат, да се дружат, да разговараат, да покажуваат љубов и да си помагаат, да бидат љубопитни и спремни за животните предизвици – заклучува учителката од Белград.

Автор: Јелена Стефановиќ

Извор



912

X