Никол ван Бесув ги гледала нејзините две малечки момчиња како се сопнуваат на корењата на дрвјата и се борат да се качат по карпите за време на семејните прошетки во шумите на Кејп Таун. Како професионален терапевт, таа знае дека да се биде бос е најдобро за малите стапала, но секако како родители знаеме и дека има моменти кога мора да се носат чевли за заштита.

Природно е родителите да сакаат да ги заштитат стапалата на своите деца, но Никол разбира дека сложените чевли со дебел ѓон достапни во локалните продавници можат негативно да влијаат врз стапалата на нејзините мали деца и врз севкупниот развој. Од научен аспект, таа опишала како науката ни покажува дека колку помалку се амортизираат табаните на децата, толку повеќе нивните лигаменти и мускули природно се зајакнуваат.

Таа изјавила: „Присилувањето на стапалата во развој во погрешни чевли негативно ќе влијае врз одењето (начинот на одење), па дури и ќе предизвика деформитети“. Решени да направат нешто во врска со ова прашање, Никол и нејзиниот сопруг Џон решиле сами да се обидат да направат чевли. Почнале да бараат дизајни кои се најфункционални и овозможуваат оптимално движење бидејќи децата сакаат да се качуваат и да истражуваат.

„Сакавме нашите чевли да им помогнат да се чувствуваат сигурни во нивните авантури“, рекла Никол. Според неа, тие исто така навистина сакале да им дадат на родителите една работа помалку за мислење, па затоа започнале со учење на децата самите да ги облекуваат чевлите.

Откако купил две половни машини за шиење и опрема за чевларство, Џон гледал многу видеа на „Јутјуб“ и завршил курс за чевларство за време на карантинот поради ковид-19. Набрзо го создал првиот пар чевли во нивната гаража, тестирајќи го на своите мали деца, пред да продолжи да прави многу прототипови. Двете деца ги пробале и ги тестирале чевлите на шумски патеки, за време на качување по карпи, за време на посети во паркот, па дури и при секојдневно носење во училиште за играње.

Сопружниците соработувале и со тим на вешти занаетчии во Вудсток, Кејп Таун, кои го прават секој пар чевли од нула. Сите материјали се набавени од локални добавувачи, а кожниот горен дел доаѓа од Намибија. Тие се надеваат дека ќе направат разлика во животите на Јужноафриканците преку локални вработувања, со фокус на образованието на децата. Со такви високи амбиции, мора да е тешко да се „жонглира“ помеѓу работата и семејството, но Никол нагласува дека не може да се преговара за приоритетните работи. Според неа, дури и ако процесот траел малку подолго, што понекогаш било фрустрирачки, таа и Џон секогаш сакале да ја задржат својата семејна врска.

„Работевме на нашите дизајни и бизнис-план по работното време, а многуте ноќи поминати во нашата работилница во гаражата и опсежните тренинзи со нашиот тим на крајот вродија со плод“, рекла Никол.

„Нашите мали деца сакаат да бидат дел од процесот на изработка и често си играат со некои парчиња од кожата и алатките, преправајќи се дека прават чевли самите“, додава Никол. „Тие станаа шетачки реклами за нашиот бренд и сакаат да престојуваат на отворено и да истражуваат во шумата, да се качуваат по карпи и да им кажуваат на своите пријатели дека нивната мајка и татко ги правеле нивните чевли“, заклучила таа.

фото извор: Common Tread Kids Shoes


Пет факти за детските обувки

Врз основа на нејзиното истражување и искуство, Никол споделува совети што родителите можат да ги искористат за да се осигурат дека ги купуваат најдобрите чевли за своите малечки.

– Нулта наклон од петицата до прстите и минимално амортизирање – потпетицата на чевелот ја менува положбата на мускулите на нозете и ‘рбетот.

-Подвижниот ѓон овозможува оптимална флексибилност на предниот дел од стапалото за време на качување, трчање и скокање. Стапалото треба да биде способно да го апсорбира стресот и да се приспособува на сите различни терени.

– Минималистичкиот, тенок ѓон овозможува оптимална повратна информација (сензорен влез) од околината – стапалото е сетилен орган кој прима пораки за испраќање до мозокот. Колку повеќе детето чувствува, толку повеќе има самодоверба кога се движи.

– Широк дел за прстите – треба да можат да играат во чевелот во природна положба. Ова ја подобрува природната функција и стабилност на стапалото за време на играта, подобрувајќи ја рамнотежата.

– Меки, природни материјали без токсини – родителите треба да избираат чевли направени од природни материјали. Пример е облогата од кора од зеленчук која дише и природно се бори против бактериите на стапалата.

Чевлите, исто така, треба да бидат лесни за прицврстување за да можат децата сами да ги обујат. Ова е важно за да се поттикне независноста.

Автор: Елизабет Мамакос

Извор



912

X