Здравиот имунолошки систем е едно од најважните оружја во справување со вирусните инфекции. Наши реномирани педијатри советуваат како да се изгради силен одбранбен систем

Со променливото време и пониските температури стартува и сезоната на настинките. Училиштата и градинките почнаа со настава, една од грижите на родителите е како да го одржат здраво своето дете, како да го заштитат од настинки и како да изградат силен имунитет.
Се советувавме со педијатри, имунолози, пулмолози за тоа кој е рецептот за здраво дете и солиден имунолошки систем.

Одмор дома и зголемен внес на витамини и течности

Катарина Ставриќ, педијатар и детски имунолог, потврдува дека есента и зимата се карактеристични сезони за респираторните вирусни инфекции. Како што вели таа, нормално е детето во првите 3 години да има 8 акутни респираторни инфекции во текот на годината, а доколку тргне во градинка, оваа бројка се зголемува.

Д-р Катарина Ставриќ

– Секое дете што ќе тргне во градинка има период на адаптација кој е проследен со зачестени инфекции. Најчесто се вирусни инфекции и не треба да се даваат антибиотици затоа што тие дополнително го ослабнуваат имунолошкиот систем доколку се злоупотребуваат. Симптомите на настинки и акутни респираторни инфекции како течење нос, сува надразителна кашлица, болка во грло, губиток на апетит, траат 7-10 дена и се смируваат. Во период на акутна инфекција, важно е детето да не се пушта во градинка или школо, да има зголемен внес на течности и да се одмара. Може во такви услови и витамин Ц да помогне за побрзо оздравување на детето. За сè консултирајте се со вашиот матичен доктор по телефон, немојте да го носите по лекари или на своја рака да правите крвна слика и ЦРП. Тие лабораториски анализи нема да му помогнат на докторот во првите 2-3 дена – вели Катарина.

Месо, јајце, риба, зеленчук и овошје за здравје

Според неа, ако сакаме да одржиме силен имунолошки систем, треба да ги научиме децата здраво да се хранат, да бидат секојдневно физички активни и да ги користиме викендите да престојуваат на чист воздух на планина. Секако, во школо или во градинка почесто да си ги мијат рацете и да не го пипаат лицето со раце или да не ставаат в уста разни предмети.

– Со секојдневно внесување разновидна храна во која има и житарки, зеленчук и овошје, млеко и млечни производи, месо, риба и јајца се обезбедуваат сите потребни витамини и минерали и хранливи материи за здрав организам и јак имунитет. На децата после првата година единствено им треба додаток од витамин Д во зимските месеци (од октомври до април). Секако, доколку детето почне да се разболува почесто, а знаеме дека секој инфект е проследен со намален апетит кој може да трае 5-7 дена, во тој случај може да се даде мултивитамински производ во период од 2 до 4 недели. За здрав имунитет е потребно сè, од месо, јајце, риба, многу зеленчук и овошје, млеко и млечни производи и житарки. Сокови, ужини богати со шеќер не се здрави за децата. Секако, не треба да се претерува со ниедна намирница, детето треба да внесува секојдневно од сè по малку – додава Ставриќ.

Вирусните инфекти се намалуваат со растењето

Пулмологот и педијатар Искра Лазаревска се надоврзува дека општа карактеристика на вирусните респираторни заболувања e високата контагиознoст и лесното пренесување од едно на друго лице.
– Се смета дека децата во текот на една календарска година можат да прележат 6 до 8 вирусни инфекти, а според некои и до 12. Честотата на вирусните инфекти се намалува со растењето.

Најголем дел од нив имаат поблага клиничка слика и организмот спонтано се справува со нив без компликации. Тие имаат тенденција кон спонтано закрепнување, а единствениот и најдобар третман е одморот и спроведување симптоматска терапија. Антибиотиците кои се ефикасни при третман на бактериски инфекти во овој случај се апсолутно без никаков ефект, а своето место го наоѓаат доколку настанат компликации – вели Лазаревска.
Начинот на кој организмот ќе се справи со вирусниот инфект многу зависи од неговиот имунолошки статус. Здравиот имунолошки систем е едно од најважните оружја во справувањето со вирусните инфекции.

Моркови со лимон – одлични имуностимулатори

– За да се справиме со вирусните инфекции, можеме да работиме на подобрување на општата состојба со максимално јакнење на имунолошкиот статус на организмот. Општо е познато дека исхраната е од круцијално значење во модулирањето на имунолошката рамнотежа. Исхраната во основа мора да биде разновидна, да ги содржи сите неопходни состојки и да ги има карактеристиките на засилувач на имунолошкиот систем. Нашето поднебје изобилува со прехранбени продукти кои спаѓаат во оваа категорија. Портокаловиот и црвен зеленчук и овошје, во прв ред моркови, домати, пиперки, тикви, јаболката во комбинација со лимон кој изобилува со витамин Ц се одлични имуностимулатори. Јаткастите плодови исто така изобилуваат со витамини и минерали. Дополнително би ги споменала житните ‘ркулци, слаткиот компир, кој сè повеќе е застапен во исхраната и кај нас, печурките, брокулите. Спанаќот исто така е засилувач на имунитетот. Храна која би требало да е почесто застапена во нашата исхрана е морската храна – објаснува пулмологот Лазаревска.

Д-р Искра Лазаревска

Боровинките имаат антивирусно дејство

Овошјето кое го има во изобилство во нашето поднебје исто така треба да биде дел од секојдневната исхрана. Генерално се препорачува консумирање на овошјето во свежа форма.
– Во категоријата овошје што го стимулира имунитетот, а се наоѓа во нашето поднебје би ги споменала боровинките. Тие се користат во традиционалната медицина со векови. Нивниот екстракт има антивирусно, антивоспалително дејство. Се користи како сируп против настинки, а неговото дејство се должи на смирувачкиот ефект на слузницата на дишните органи. Според некои студии, екстрактот од боровинки го скратува времетраењето на настинките. Бозелот е лековита билка која со векови е користена во традиционалната медицина.

Екстрактот од плодот на бозел исто така има клинички докажан антивирусен и имуностимулаторен ефект. Она што е значајно е дека бозелот го спречува врзувањето на вирусот за клетката, со што се спречува неговото понатамошно ширење во организмот. Примена на екстрактот од бозел во континуитет овозможува зајакнување на имунолошкиот систем на децата и им дава заштита од вирусните инфекции – потенцира Лазаревска.

Јогурт секој ден

Во препораките за здрава храна важно место зазема јогуртот, кој е богат со пробиотици.
– Пробиотиците спаѓаат во категорија на пријателски бактерии кои можат да се земаат како додаток на исхрана. Првенствено дејствуваат преку нормализирање на цревната флора, го спречуваат развојот на лошите бактерии и некои од нив го стимулираат и вродениот и стекнатиот имунитет. Одредени пробиотици ја зголемуваат отпорноста кон респираторни инфекции и ја намалуваат честотата на нивното појавување, а можат да влијаат и врз должината и тежината на инфектот – додава таа.

Иако функционирањето на имунолошкиот систем е прилично комплексно, зависи од присуството и на одредени витамини и елементи кои нормално се наоѓаат во организмот во траги. Потврдено е дека нивната суплементација се покажала како позитивна во јакнење на имунитетот против вирусните инфекции. Особено акцент се става на витамин Ц и витамин Д.

Овесот му помага на одбранбениот систем

– Препораката за месеците што следуваат е да се внимава на исхраната, која треба да е разновидна, со дополнителен внес на пробиотици, витамин Ц и витамин Д. Последниве десетина години актуелно е користењето на антивирусни лекови. Дел од нив се базираат на фармаколошкиот потенцијал на природните состојки содржани во одредени растенија и кои традиционално се користат во превенцијата и третманот на вирусните инфекции. Најчесто во комбинација со олигоелементи, витамини. Нивната ефикасност е најголема доколку се земат во текот на првите 24-48 часа од појавата на симптомите, а ги примаат деца над 1 година, секако, во консултација со педијатар – посочува Лазаревска.

Таа потенцира дека бета-глуканите се исто така битни, тие се природни полисахариди кои главно се наоѓаат во овес, јачмен. Ги има во квасецот, како и кај некои печурки. Класифицирани се како имуно-модулатори и влијаат врз сите клетки од имунолошкиот систем, вклучително неутрофили, клетките природни убијци, макрофагите, и има значителен ефект на одбранбениот систем.

– Како дополнување на имуномодулаторниот ефект по примање на бета-глуканот се покажа како ефикасен во намалување на приемот кон горнореспираторни вирусни инфекти, како и ублажување на клиничката слика на инфицираните индивидуи. Резултатите од скорашните студии упатуваат дека може да го намалат морталитетот и морбидитетот поврзан со COVID-19 – информира Лазаревска.



912

X