Слушате препирање во другата соба. Децата се расправаат што да се гледа на ТВ, зошто едниот користел предмети што се сопственост на другиот и слично. Често се прашувате: Каде згрешив? Дали е ова нормално? Дали другите деца се расправаат колку моите?
Одговорот е и ДА и НЕ. Да, браќата и сестрите се расправаат и природно е да постои некое ривалство помеѓу нив. Но, има некои работи што како родител можете да ги сторите за да ја поттикнете соработката меѓу нив. Може да охрабрите заедништво и да минимизирате споредување и натпреварување помеѓу децата. Ова се неколку начини да го сторите тоа:
Третирајте ги праведно, но не еднакво
Ова може да звучи контраинтуитивно, но децата се уникатни и имаат различни потреби. Потребно е да сте свесни за нивните различни потреби и одговорот на тоа е многу поважен од поделбата 50-50. Дајте им до знаење на децата дека ги сакате уникатно, согласно нивните индивидуални потреби.
Сослушајте ги без осуда
Често, како родители, реагирате со лутина или веднаш ги потенцирате последиците без да сослушате. Останете смирени. Дајте им на децата шанса да ги кажат своите перспективи, па така да се чувствуваат слушнати и охрабрени да соработуваат.
Охрабрете ги децата да смислуваат решенија
Децата нека бидат дел од решението. Нека запишат решенија за конфликтот и потоа нека ги прочитаат. Нека размислат што може да успее и нека бидат целосно вклучени во процесот.
Бидете внимателни во однос на споредбите помеѓу децата
Ова може да се случи многу лесно – да кажете: „Посакувам да беше повеќе како брат ти и да слушаше кога ќе ти побарав нешто да сториш.“ Децата се многу чувствителни во однос на споредбите и тоа може да го зголеми ривалството. Наместо тоа, опишете го однесувањето или она што треба да се стори, на пример: „Доцниме бидејќи не ги подготви чевлите за тренинг.“
Охрабрете игри со соработка или награди
Можете да креирате цели за вашите деца кои вклучуваат соработка помеѓу нив и добивање награда за таквото добро однесување. Пример за тоа може да биде заедничко чистење на нивната соба или која било друга активност што може да ја извршуваат заедно. Може да играат во ист тим во друштвени игри за да се охрабрат позитивни чувства и заедничка цел за победа.

Дозволете им да работат на своите проблеми
Родителите често брзаат со решение и смислуваат нешто што ним им изгледа праведно, но тоа не е она што им треба на децата. Дозволете им да преговараат и да најдат начин да ги решат работите. Може да се изненадите од вештините за преговарање на децата.
Научете ги да користат „јас“ тврдења
Важно е за децата да ги споделуваат своите чувства. Едноставна и ефективна алатка која и децата и возрасните ја користат е „јас“ тврдењето. „Јас чувствувам (напишете емоција) кога ти (кратко тврдење), бидејќи… и сакам ти да __“. На пример: „Јас чувствувам вознемиреност бидејќи ти не ми дозволуваш да изберам игра која ќе ја играме, па бидејќи тоа не е праведно, сакам ти да ми дозволиш овој пат јас да изберам.“ Ова е добра тактика да ги поттикнете децата да соработуваат, а вие како родител конечно нема да се чувствувате како дежурен судија.
Автор: Моника Рамунда