И покрај фактот дека детето научило да мочка во нокшир, често се случува и натаму да мокри во креветот меѓу четвртата и седмата година од животот. Еве како да му помогнете на вашето дете да престане да мочка во креветот.
Приближно 15 проценти од децата на возраст од четири до седум години мократ во креветот најмалку двапати неделно. Ако тоа му се случува и на вашето дете, треба да знаете дека тоа е сосема нормално, но и дека постојат одредени чекори што можат да ви помогнат тоа да не се случува повеќе.
Намалете го внесот на течности пред спиење
За да спречите претерано полнење на мочниот меур навечер, важно е да ја контролирате количината на течности што детето ја внесува доцна попладне до одењето на спиење. Давајте му доста течности наутро и попладне, а потоа намалувајте го внесот како што поминува денот.
Освен тоа, важно е детето секоја вечер да оди во тоалет пред спиење. Тоа нека му стане рутина.
Избегнувајте храна што го иритира мочниот меур
Некои продукти можат да го иритираат мочниот меур кај малите деца и да предизвикаат „влажен инцидент“ во сонот бидејќи тие немаат доволно контрола врз мочниот меур. Избегнувајте на децата да им давате навечер премногу кисела храна, како лимони, портокали, јаболка… и сокови од тие овошја.
Исто така, децата навечер не би требало да консумираат ни млечни производи, како млеко или јогурт, бидејќи од тие продукти подлабоко ќе заспијат и ќе им биде тешко да отидат до тоалетот кога ќе им се мочка. Топлото чоколадо и чајот исто така не се добар избор за навечер.
Ноќното станување за во тоалет нека им стане навика
Децата по природа спијат многу поцврсто од возрасните и затоа понекогаш им е тешко да се разбудат кога мочниот меур ќе им биде полн. Затоа не е лошо секоја ноќ да ги будите по еднаш за да одат во тоалет. Тоа ќе им помогне со текот на времето сами да почнат да се будат кога ќе им се мочка.
Освен тоа, можете да изброите колку често детето оди во тоалет во текот на денот, ако на пример, во текот на денот мочка седум пати, на секои три часа, и ноќе будете го на секои три-четири часа. Кога ќе помине една недела да не се измочкало во креветот, можете да престанете да го будите ноќе – ќе почне само да се буди.
Зголемете го внесот на магнезиум
Судејќи според истражувањата, причина за мокрењето навечер во кревет може да биде и недостигот на магнезиум во исхраната. Намаленото ниво на магнезиум во организмот го прави нервниот систем помалку чувствителен, така што детето не може да почувствува дека му се мочка.
Нема потреба на детето да му давате суплементи, освен ако не ги препорача лекар. Доволно е во исхраната да предвидите повеќе продукти што содржат магнезиум – сусам, авокадо, банани, лосос, мешунки.
Водете дневник
Како што лекарот би ви препорачал и во секоја друга ситуација што се повторува, важно е да водите дневник за да утврдите колку често се повторуваат епизодите. Тоа ќе ви помогне да ги забележувате навиките на детето, активностите, внесот на храна и пијалаци, емоционалното и менталното здравје.
Исто така, тоа можеби ќе ви помогне и да разберете што е вистинската причина за мокрењето во кревет. Можеби одредени продукти го иритираат мочниот меур или некои пијалаци ја спречуваат реакцијата на нервниот систем.
Разговарајте со детето
Разговарајте со детето за тоа како се чувствува на емоционален план. Ако сте поминале низ некаква промена во животот, на пример, сте се преселиле или детето го променило училиштето, тоа може да биде причина за стрес или анксиозност, што може да биде поврзано и со мокрењето во кревет. Во тој случај, ноќното мокрење ќе помине кога детето ќе се навикне на новата ситуација. Во меѓувреме, помогнете му да не чувствува срам, поддржете го и дајте му до знаење дека сте покрај него.
Наградете го
Важно е на позитивен начин да го поттикнувате детето, а наградите се добар начин за работи што децата можат да ги контролираат. Но, важно е да знаете дека детето не може да го контролира мокрењето во сонот, па не треба да му давате награда кога нема да се измочка. Наместо тоа, наградувајте го за работи што помагаат да се избегне мочкањето во кревет.
На пример, наградете го детето кога пие многу течности наутро, а ги избегнува навечер, ако јаде продукти богати со магнезиум и оди во тоалет пред спиење.
Мотивирајте го детето со одговорност
Важно е до некоја граница да го научите детето да биде одговорно и независно. Наместо да го казните што се измочкало во креветот, побарајте да ви помогне заедно да го промените влажниот чаршаф, да се преслече и да ги однесе влажните пижами во бањата… На тој начин тоа можеби повеќе ќе го цени тоа што го правите и самото ќе посака да биде поодговорно кога станува збор за ноќното мокрење.
Кога да консултирате лекар
Како што веќе кажавме, мокрењето во кревет е нормална работа, но во некои случаи треба да консултирате лекар, ако ситуацијата не се поправи:
* Ако детето има чести „влажни инциденти“ и дење и ноќе, а е постаро од пет години.
* Доколку детето константно мочка во креветот, а е постаро од седум години.
* Со месеци детето не мочкало во креветот, но повторно почнало, а е постаро од пет години.