Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Убавка Бутлеска, училиштен педагог

Повеќе од авторот

Постојат голем број препораки што да се направи за детето да го засака читањето, па во оваа пригода ќе наведеме неколку, според мене, најважни

Минатиот пат повеќе се задржавме на самиот процес на описменување, но читањето не е само за себе цел, тоа е средство со кое учиме, чувствуваме, се информираме и бидејќи стана задолжителна вештина, важно е да се засака и да се развива од најмала возраст.
Постојат и се споменуваат голем број препораки што да се направи за детето да го засака читањето, па во оваа пригода ќе наведеме неколку, според мене, најважни, а нешто што во мојата практика се покажало дека е делотворно.

1. Разговарајте со детето постојано, но имајте предвид дека за разговор не се смета давањето упатства, наредби и лаконско одговарање на прашањата, туку двонасочна комуникација, прашања и одговори. Ова навистина функционира. Речиси сите ученици што ги сакаат учењето и читањето имаат неверојатно добра комуникација со родителите, со нив разговараат како еднакви, а потоа и со другите возрасни знаат како да разговараат.

2. Почитувајте го детето, покажете му дека е важно бидејќи детето на кое му се посветува внимание, му се чита и раскажува, прима порака дека е вредно, важно. Оваа самодоверба потоа поттикнува самостојност и внатрешна мотивираност за учење кај детето.

3. Читајте му на детето наглас секој ден од првата година, препорачливо е најмалку 15-20 минути дневно, а најновите истражувања укажуваат дека детето треба да слушне од родителите 1000 приказни до тргнувањето на училиште. Во почетокот родителот е оној што ја води приказната, а како што расте, детето сè повеќе се вклучува, учествува во нејзиното читање, разговара за неа, се имитираат ликовите, се раскажува прочитаното. Голема е разликата во развојот кај децата на кои им се читало од оние на кои не им се читало доволно и секојдневно, а ова особено се уочува со тргнувањето во училиште. Децата на кои им се читало се посериозни и поподготвени за учење, посмирени се, посконцентрирани, покомуникативни.

4. Создајте ритуал за читање, посебно време и место за читање. За да се засака читањето, тоа треба да е поврзано со некое позитивно чувство за него. Разговарајте за прочитаното, барајте да ви прераскаже, да ви одговори на прашањата, да ви спореди ликови, приказни, да промени нешто во приказната. Ова е еднакво важно како и читањето. Вака го создавате идентитетот кај детето. Уште од најмали нозе ќе знае што сака, а што не, што е добро, а што лошо, како да се справи со некој проблем.

5. Читајте со детето во секоја пригода и различни текстови и пораки. Читањето не е само во книгите, затоа читајте пораки на телефон или компјутер, упатства, рецепти, знаци, декларации на производи и слично. На овој начин го истакнувате значењето на читањето во секојдневниот живот.

6. Читајте и вие бидејќи родителот е најголемиот модел за детето, тоа ќе ве имитира и копира во сè, па и во читањето. Евидентно е дека учениците што потекнуваат од семејства каде што не се чита воопшто и ништо, многу потешко се описменуваат, читаат бавно, без интерес, немаат интерес да учат и осознаваат.

7. Ограничете му го времето за гледање телевизија, играње игри и „шетање“ по интернет, а и кога  го прави тоа, бидете до него, комуницирајте, коментирајте. Не можеме да ги изолираме децата од она што е актуелно и интересно за нив, но можеме да им помогнеме да создадат реални слики и сопствен идентитет. Да не заборавиме дека и овде се учат интересни нешта, приказните на нашата Биби, на пример.Она што треба да го направиме како родители е да најдеме баланс и никогаш да не ја отфрламе сликовницата, а потоа книгата, бидејќи според новите истражувања, само сликовницата во раната возраст е таа што целосно го активира мозокот и создава непроменливи врски.

8. Подарувајте книга – на детето, на блиските, во секоја пригода. Едноставен, не многу скап подарок, а и сите ќе ве идентификуваат како некој што подарува нешто што е интересно, поинакво, а добро е да си посебен во очите на децата.

9. Читајте соодветна книга/приказна за возраста на детето. Секоја книга има свое време, па ако ја прочитаме прерано или предоцна, не предизвикува ништо, не научуваме ништо. Таков е примерот со книгата „Малиот принц“, воведена е за лектира во одделенска настава, кога возраста не дозволува да се засака и да се применува во животот на вистинскиот начин. Не дека е лесно да се пронајде соодветна литература за деца, особено на нашиот ограничен пазар, но и тоа не е невозможно. Во последно време има многу иницијативи на преведување и објавување книги за помала возраст. Таков е примерот со електронската библиотека на „Чекор по чекор“, а овие книги потоа им се достапни на децата во училиште, во секоја училница.

10. Создавајте книги. Добра практика е изработувањето сликовници заедно со детето. Тоа не мора да е нешто најквалитетно, но има важност бидејќи е создадено од вас и детето, во неа се вложени труд, љубов и заедничко дружење.



912

X