Уживајте во празничната атмосфера без непотребни нервози. Еве неколку совети како детето да не заплаче при контакт со Дедо Мраз.
Зимските празници се време за идилични семејни моменти, но ако вашето дете се плаши од Дедо Мраз, тоа може да предизвика непријатност за целото семејство. Прочитајте неколку совети и помогнете му на детето да го преброди својот страв, а потоа заедно препуштете се на празничната магија.
Разберете ги чувствата на децата
Дедо Мраз за возрасните претставува безопасен симбол на радоста и магијата што ги носи празниците. Но, стравот е вообичаен и нормален за деца на возраст меѓу 2 и 7 години. Важно е да се согледа ситуацијата од перспектива на децата, тие може да се плашат од неговата бела брада, ракавиците или од црвениот костум. Исто така, страшно е за децата дека тој знае сè – дали биле добри, послушни или непослушни. И, се разбира, некои деца се плашат од странци, особено ако треба да бидат фотографирани како седат во скутот на Дедо Мраз.
Не брзајте
Не принудувајте го вашето дете да зборува или да му пристапи на Дедо Мраз. Полека помогнете му да се чувствува пријатно околу него. Експертите препорачуваат со детето оддалеку да ги гледате другите деца, браќа и сестри или пријатели како му се приближуваат и како се фотографираат со Дедо Мраз. Ова направете го неколку пати и може да почнете полека да му се приближувате.
Зборувајте му за Дедо Мраз
Зборувајте му за празниците и за Дедо Мраз уште пред празниците, така што вашето дете ќе има чувство како да е во позната околина. Раскажувајте му за веселиот дедо кој на децата од цел свет им носи подароци, и споделете ги сеќавањата од вашето детство. Гледајте цртани филмови со новогодишна тема, а можете и да му испратите писмо.
Не присилувајте го и не казнувајте го вашето дете
Најлошото нешто што можете да го направите е да го присилите детето да седне во скутот на Дедо Мраз за фотографирање – тоа само ќе ја влоши ситуацијата. Прифатете го ова како тековна фаза во развојот на вашето дете и ќе ја надминете со текот на времето. Дефинитивно можете да пробате следната година. Не казнувајте го детето и не терајте го да се чувствува виновно затоа што се плаши од Дедо Мраз. Избегнувајте понижување и закани, а прифатете ги неговите чувства.
Разговарајте со Дедо Мраз
Бидете му асистент на Дедо Мраз за полесно да му пријде детето. Нека вашиот сопруг/сопруга или друг член на семејството му го одвлече вниманието на вашето дете додека разговарате со Дедо Мраз. Објаснете му дека детето е исплашено и кажете му како може да го опушти и да му пристапи. Кажете му го името на вашето домашно милениче или омилената играчка за да може Дедо Мраз да ги спомне кога разговара со вашето дете.
Не уништувајте ја магијата
Стравот на детето може да ве натера да му кажете на детето дека Дедо Мраз не постои, но експертите се против тоа. Секако, ако стравот е интензивен, можете да разговарате со педијатар или психолог за да видите што треба да правите или дали откривањето на вистината би помогнало во вашиот случај. Повеќето деца се ослободуваат од стравот до седумгодишна возраст, но потоа им остануваат само неколку години да веруваат во волшебни и натприродни работи.
Направете исклучок
Може детето да се плаши од Дедо Мраз бидејќи му е непознат. Ова покажува дека вашите совети за тоа дека не смее да разговара со непознати луѓе вродиле со плод. Но, кажете му дека Дедо Мраз е исклучок и дека со него може да разговара и да му седи в скут сè додека вие или некоја друга позната личност сте блиску до него.