Бидејќи многумина од денешните родители не пораснале со мобилни телефони, одлуката кога да му се купи паметен телефон на детето може да биде комплицирана. Кога детето е подготвено за својот прв телефон? Возраста е помалку важна, додека пресудно е нивото на зрелост и способноста да се справува со одговорност.

Прашања што треба да си ги поставите пред да му купите мобилен телефон на вашето дете:

1. Може ли да ја сноси одговорноста за поседувањето телефон?

Дали вашето дете знае да следи правила? Дали е доволно внимателно со другите електронски уреди во домот? Сепак, мобилниот телефон не е евтина технологија. Ако одлучите да инвестирате во паметен телефон, имајте на ум и дека треба да смислите план во случај на кражба, загуба на телефонот или да ги активирате опциите за заштита што ги поседува самиот телефон.

2. Дали телефонот ќе ги поедностави воннаставните активности на детето?

Можеби распоредот на вашето дете во однос на воннаставните активности станува сè покомплициран, односно тоа има повеќе активности кои бараат подобра организација, носење и земање од и до одредени локации. Паметниот телефон може да ви ги олесни тие активности, со цел подобра комуникација помеѓу вас и вашето дете.

3. Дали пристапот до телефон ќе ја подобри безбедноста на детето?

Дали вашето дете може лесно да ве контактира во итен случај? Поседувањето паметен телефон може и да ја подобри безбедноста на детето, но и да ви овозможи вам, а и на детето, почесто да комуницирате и да ги следите меѓусебните активности.

Мислите дека вашето дете е подготвено за својот прв мобилен телефон?

Ако вашиот одговор е „да“, тогаш сте подготвени да го преземете следниот чекор – но бидете сигурни дека сте поставиле некои граници:

1. Користете родителска контрола.

Многу родители вршат контрола во однос на ограничување на времето поминато пред екран, блокирање на апликации или забрана за пристап до одредени веб-страници. Дури можете и да поставите правило – дека телефонот ќе се полни во текот на ноќта во друга просторија, а не во детската соба, за да се избегне допишување и играње игри до доцна во ноќта.

2. Поставете договор за уредот

Разговарајте со вашето дете за одговорноста што ја има во однос на користењето технологии, па утврдете договор конкретно за мобилниот телефон што ќе го користи.

3. Размислете за следење на неговата употреба

Кажете му на вашето дете дека ќе следите како го користи телефонот. Проверувањето на телефонот објаснете му го како заедничка можност за споделување идеја – дека токму тој начин е најдобриот за користење на технологијата, за детето да нема чувство дека е казнето или надгледувано.

4. Научете го како да се забавува и како да го користи паметниот телефон најдобро што може

Поседувањето телефон може да биде голема одговорност, но исто така може да биде и забавно искуство. Откако ќе ги поставите правилата и границите, оставете го детето да го „персонализира“ својот телефон во согласност со неговите желби и карактер.

5. Ако сакате повеќе совети, пребарајте на интернет на кои начини може да го приспособувате телефонот, со цел вашето дете да биде безбедно.



912

X