Децата пред пубертет поминуваат низ многу нешта. Почнува адолесценцијата, нивните гласови се менуваат, а од нив ние имаме нови очекувања, на пример, секојдневно туширање. Личната хигиена може да е навистина чувствителна тема кај оваа група деца, но секогаш има начини за транзицијата да биде посуптилна и побрза без да има моменти на срам.

Бидете нежни со нив

Веројатно веќе сте зборувале со нив за пубертетот и промените што ќе се одвиваат во нивното тело. Тоа значи дека често треба да се освежуваат. Можеби и сте им објасниле дека секојдневно треба да се тушираат бидејќи во спротивно ќе шират непријатна миризба. Зошто за нив е толку голема работа да го поминат телото 10 минути со вода и сапун? Повеќе време поминуваат жалејќи се. Но, сепак, тоа е време за приспособување со цел да создадат здрави хигиенски навики и за понатаму. Освен тоа, овие работи не се забавни, како што тоа било во детството кога се бањале во корито со играчки. А и лесно е да се заборави да се стави дезодоранс бидејќи поголемиот дел од дотогашниот живот не го правеле тоа. Кога ќе дојде време да разговарате за оваа тема, направете го тоа сами, без да биде присутен некој друг. Децата се засрамуваат при вакви разговори, па не е препорачливо да им ја споменете темата пред пријател или роднина. Изберете соодветно време за интимен разговор кој не мора да подразбира и контакт со очите. Само нека не биде пред и по училиште бидејќи тогаш обично се раздразливи.

Опфатете ги основите

Децата пред пубертет не можат наеднаш да знаат сè – колку често да се бањаат или да се грижат за својата кожа. Сега кога се на пат да станат возрасни лица, може да им се понудите да ги водите кон начините на кои и возрасните водат грижа за себе. Нивниот педијатар, исто така, може да даде препораки, особено затоа што сечија кожа е различна и може да реагира различно на одредени производи, но постојат неколку основни работи што треба да се запазат:

Бањање

Децата од основно образование обично не треба да се бањаат или тушираат секојдневно сè додека не дојдат до пубертетот. Кога тоа ќе се случи, секојдневното туширање, или барем на два дена, е особено важно токму поради многубројните физички активности на децата. Научете ги да ги опфатат сите важни делови од телото, вклучително рацете, гениталиите и нозете. Треба да ја мијат и косата секој втор ден за да ја намалат маснотијата, која исто така ќе помогне во намалување на појавата на акни. Навика треба да им стане и миењето на лицето до два пати дневно со соодветни средства.

Дезодоранс/антиперспирант

Пубертетот со себе носи и хемиска промена на потта, па оттаму и лошата миризба. Ако темелното бањање не е доволно за телото да мириса добро, време е да се размислува за дезодоранс, кој помага во тој случај. Каков ќе изберете, зависи од тоа колку е активно детето, колку се поти и колку му годат состојките од производот. Голем дел од луѓето се загрижени поради алуминиумот во антиперспирантите, кој се поврзува со Алцхајмерова болест и рак на дојка, но студиите покажале мали ризици за поврзаност.

Миење заби

Важно е децата да продолжат со миењето на забите двапати дневно. Избегнувањето на оваа здрава навика може да предизвика гингивитис, кариес и лош здив, а никој не го посакува тоа.

Чиста облека

Носењето на истата облека повеќе денови веќе не е изводливо. Кажувајте им на децата дека заедно со чистењето на телото, секојдневно треба да се избира и свежа и чиста облека.

Нокти

Покажете им како да си ги сечат ноктите. Ова треба да се спроведува на една или две недели.

Шминка

Ако вашето дете почнува да се шминка, предупредете го да не ја дели со пријателките. Бактериите од очите и устата може да се префрлат преку малите четкички.

Дозволете им сами да ги изберат производите

Вашите сапуни и дезодоранси за возрасни не се „кул“. Нивните амбалажи се досадни, како што е досадно да се биде возрасен. Ако вашите деца ви се спротивставуваат при изборот на овие производи, оставете ги сами да си изберат. Ако не сакаат да одат самите во продавница и да изберат, направете го тоа вие. Прашајте ги дали преферираат некој бренд или вкус, а ако немаат, тогаш прашајте го продавачот што е популарно кај младите. Или, пак, обратете се кај педијатарот за специфични препораки, особено ако детето има акни, мрсна или сува кожа. Кога ќе дојдете дома, не кажувајте пред цело семејство што сте купиле. Ставете ги производите во собата на детето или некаде каде што лесно ќе ги забележи.

На крајот, обидете се да не се борите со децата во врска со оваа тема бидејќи колку повеќе ги терате да се мијат, толку повеќе може да се спротивставуваат. Продолжете да ги поддржувате и да им бидете пример со здрави хигиенски навики, па постепено и тие ќе ги создадат.

Автор: Меган Моравцик Валберт



912

X