Сите родители сакаат да им помогнат на своите деца да пораснат во одговорни возрасни луѓе. Тоа може да вклучува помали цели, на пример, да им се помогне да ги стекнат вештините што им се потребни за да бидат продуктивни членови на општеството, а и да им се помогне да бидат здрави, среќни и способни да се грижат за себе. За да ги охрабрат кон постигнување на оваа цел, психолозите од Универзитетот „Корнел“ издвојуваат неколку совети.

Како еден од главните совети, психолозите посочуваат дека родителите никогаш не треба да прават работи за своите деца, за кои се сигурни дека тие можат да ги завршат самите. Како што објаснуваат, дури и малите деца можат да помогнат во одредени домашни работи или сами да се облекуваат наутро. Исто така, тие тврдат дека родителите секогаш треба да ги учат децата на важни вештини и да им даваат позитивен фидбек.

„Немојте само да му кажувате на вашето дете што да прави, туку директно вклучете го во одредена активност и покажете му како. На пример, на мало дете може да му се каже да ги остави играчките на своето место, но обично е многу подобра и поефикасна опција да му покажете што мислите со таа молба. Децата повторуваат сè и на тој начин учат“, објаснуваат експертите.

За детето да порасне во одговорна личност, родителите треба да го научат и дека грешките се одлична можност за учење. Имено, сите грешат, а веројатно ќе грешат и вашите деца. Обидете се да не претерувате кога ќе се случи тоа. Наместо тоа, гледајте ги грешките како можности за учење и преземање подобри активности во иднина. Психолозите нагласуваат дека децата треба да ги искусат природните последици од нивното однесување, без разлика за какво однесување се работело.

Извор



912

X