Родителството е полно со предизвици, а еден од поголемите е тинејџерската возраст на вашето дете. Меѓутоа, тоа што го правите сега, додека децата се помали, може да направи голема разлика во тинејџерските години. Можно е да одгледате тинејџер кој ќе сака да разговара со вас, кој ќе биде искрен, отворен и прекрасен млад човек со кој ќе биде убаво да го поминувате времето. Но, основата се гради додека децата се мали.
Секако, добрата работа во животот е што секогаш можеме да ги менуваме работите, дури и кога децата се приближуваат до оваа доба, за односот со нив да тргне во подобра насока. Значи, без разлика дали децата ви се мали или се речиси тинејџери, преминот во таа доба ќе биде лесен ако ги следите овие совети:
Додека се мали, децата по милион пати ќе ви ја повторуваат истата приказна за омилениот лик или омилената игра, малку подоцна за тоа што го виделе на „Јутјуб“ или кај некој другар. Родителите немаат секогаш трпение да слушаат, па се исклучуваат, го тераат побрзо да ја заврши приказната и сл. Но, многу е важно да одвоите време за да го слушнете своето дете. Кога ќе му покажете на детето дека тоа што го зборува ви е многу важно, создавате атмосфера секогаш да сака да ви ги кажува работите што ги мисли. Така ќе почне да ви раскажува и за проблемите со другарите, за тоа што го мачи и за други важни теми.
Ова значи дека ќе слушнете и работи што нема да ви се допаднат, можеби ќе сака да зборува за вашето однесување и сл. Треба да знаете дека како што расте, ќе има ситуации кога ќе мора да се воздржите од брзи коментари. Сето ова води до однос во кој вашето дете ќе може да биде искрено и да разговара со вас за сѐ.
Не претерувајте со казните
Има родители што го казнуваат своето дете и за најмала ситница и го контролираат секој нивни чекор. Поради тоа, детето ќе се плаши нешто да направи зашто знае дека секако ќе биде казнето. Ако знае дека сигурно ќе го карате или казните, дури и за ситница, кога ќе стане тинејџер ќе почне да крие работи од вас, да лаже, да се искраднува од дома, итн. Затоа, размислете дали е толку страшно што вашиот 9-годишник малку се задржал со другарите кога се враќал од училиште? Моравте пет пати да му повторите да ја среди својата соба? Секако дека тоа ве иритира, но добро размислете пред да го казните. Кога вашето дете ќе почне да вози и ќе го изгребе автомобилот, дали сакате да ви каже што направило или да го крие тоа и да бара начин само сѐ да поправи, зад вашиот грб? Или да лаже од страв? Има начини да го научите вашето дете на почитување и одговорност на позитивен начин, без нервирање за ситници и казнување и за најмала грешка.
Наградете ја искреноста
Ако вашето дете згрешило нешто, имало незгода или нешто го мачи, треба да знае дека во секој момент може да застане пред вас и сѐ да ви раскаже. Некој вид казна може и да се примени, но понекогаш треба да се дозволи детето да помине неказнето. Создајте атмосфера во која детето ќе може секогаш да биде искрено.
Бидете пример за добрите особини
Кога станува збор за особините и карактерот, може да го научите детето што сакате, но ако тоа не гледа дека и вие живеете според вредностите што настојувате да му ги пренесете, во ништо нема да успеете. Децата учат од пример и ако сакате да бидат стрпливи, нежни и полни со љубов, подобро е и вие да бидете такви за вашите лекции да имаат ефект.
Бидете искрени со детето
Ако згрешите, извинете се. Ако вашето дете не може нешто да добие или да направи затоа што семејството нема доволно пари, бидете искрени и кажете му го тоа. Ако ви е непријатно поради некоја ситуација или поради нешто што се случило, поразговарајте за тоа. Дозволете му на детето да ве види како вистинска личност, така ќе се поврзе со вас. Искреноста во врска со фамилијарните прашања, односите, парите, ќе му дозволи и тоа да врати со иста мера. Отворената и искрена комуникација е клуч за воспитување дете што ќе разговара со вас и кога ќе стане тинејџер.
Поставување прашања
Детето ќе знае дека го слушате според прашањата што му ги поставувате и според тоа колку сте вклучени во разговорите. Бидете љубопитни и поставувајте прашања поврзани со училиштето, учителите, другарите и сл. Неверојатни разговори може да произлезат од поставувањето премногу прашања. И колку порано почнете, толку подобро. Така, кога ќе потпораснат, децата ќе знаат дека не прашувате со цел да ги контролирате, туку затоа што тоа вообичаено го правите и вистински сакате да знаете.
Дозволете му само да одлучува
Дозволете му на детето да ја исфарба косата, ако сака, и тоа во боја по негов избор. Само нека одлучи за фризурата и за должината на косата. Тоа е негова глава. Тоа што ќе му дозволите да одлучува за косата, облеката, за јадењето, се помали одлуки кои ќе му помогнат да донесе поголеми и поважни одлуки кога ќе треба. Нема секогаш да се согласувате со тие одлуки, но додека не е нешто сериозно, пуштете го да проба. Носењето одлуки е како мускул што треба да се развива и да се засили, а тоа не можете да го наравите наместо вашето дете.
Ако се придржувате до овие совети, сигурно ќе уживате во тинејџерските години на вашето дете.