Да се изведат децата на вистинскиот пат. Да бидат подобри од нас. Каде е границата во давањето поддршка на децата за да успеат и што значи на детето да му се даде здрава основа да стартува во животот?

„Успех е кога детето ќе ве надмине, кога ќе го погледнете вашиот син или ќерка и ќе сфатите дека испаднале подобри од вас.“ Поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден, е горд татко, човек кој својот животен пат не го мерел со тоа колку се задржал во Белата куќа или пред дипломците на „Јеил“, на кои им ја упатил оваа реченица, облечен во пилотска јакна и реибан-очила. Туку се гордеел со тоа кои се и какви станале неговите деца.

Не е ништо погрешно да сакаме децата да бидат подобри од нас бидејќи и Доналд Трамп и Барак Обама се погрижиле своите деца да ги изведат на пат, како што велат постарите луѓе. Но тие родителски соништа не завршуваат тука бидејќи „да се изведе детето на пат“ обично значи тоа да постигне нешто поради кое таткото и мајката ќе бидат горди.
Сепак, каде е границата во давањето поддршка на децата да успеат и што значи на детето да му се даде здрава основа да стартува во животот? Исполнувањето на очекувањата на семејството за детето може да биде голем товар, но исто така може да се случи и да нема амбиции за нив.

Ова е поинакво време, и генерациите се развиваат на начини кои на постарите им се тешко разбирливи. Тоа се деца што растат во целосно дигитализиран свет и денешниот стандард не е да се биде фудбалер или пејач, или хирург, или професор, туку да се биде Марк Закерберг.

„Како детето да ги надмине своите родители или да стане Марк Закерберг, или кој било друг што денес е пример за успешност, е прашање кое спаѓа во ретко комплексни прашања кои имаат релативно едноставен одговор. Најдобар начин детето да има шанса да ги надмине родителите или да стане успешно, без оглед како ќе го дефинираме тоа, е родителите воопшто да не се обидуваат да го направат тоа“, вели професорот по развојна психологија д-р Александар Бауцал од Филозофскиот факултет во Белград. „Или, како што би рекле во некоја забавна емисија: Ова не обидувајте се да го направите дома.

Има повеќе причини зошто не е добра идејата родителите да се стремат детето да ги надмине. Прво, затоа што она што тие го постигнале во својот живот било она што ним им било важно и на што го посветиле својот живот. Тоа не значи дека истото ќе биде важно и за нивното дете. Така, може да се случи родителот во своето дете да се гледа само себеси или само она што личи на него, но не и на детето. Второ, она на што родителите се посветиле ги одразува и условите во кои растеле и духот на времето во кое ги носеле своите одлуки. Меѓутоа, условите во кои живеат нивните деца може да бидат сосема различни и со самото тоа добрите избори на родителите може да бидат погрешни избори за нивните деца. Трето, ако се опседнати и посветени нивното дете да ги надмине, родителите може да ја пропуштат можноста да изградат добар однос со детето, што е важно за секој успех во животот. Тука е важно да се каже дека желбата на родителите нивното дете да ги надмине често почива на грижата за иднината на своите деца. Таа грижа е сосема позитивна и спаѓа во „маките“ на родителството, но стремежот децата да ги надминат не е единствениот, а ни најдобриот начин да се одговори на тој вид загриженост.“

Дури ни кога експерт ќе им каже дека не е добро толку да запнуваат нивното дете да ги достигне висините на Џобс – бидејќи тоа и не мора да биде сигурниот услов дека ќе успее – некои родители не се откажуваат бидејќи не препознаваат што прават. Да се биде родител не е исто што и да се има деца. Тогаш како да не се упропасти детето, а да се мотивира да биде подобро од нас? Како да ги достигне висините, но целите да не му бидат сами по себе нашите цели?

„Родителството, односно созревањето е заедничко долго патување на родителите и децата во неизвесна иднина“, вели професорот Бауцал. „Како што денес стојат работите во светот и како што тој сѐ побрзо се менува во сѐ понеизвесни правци, иднината на нашите деца е сѐ понеизвесна. Што да се прави во таква ситуација? Прво треба да се одреди целта, со што се враќаме на нашата тема. Најдобрата цел на која можеме да ѝ се посветиме како родители е, додека растат, децата да стануваат сѐ подобри и подобри во однос на себе, да се надминат самите себе од вчера и да развиваат особини, вредности, идентитети, квалитетни односи со другите и компетенции со кои постепено ќе можат да ја преземаат навигацијата со сопствениот живот за да донесат најдобри одлуки за себе и за својот живот во иднина. Ние како родители не можеме однапред на носиме одлуки кои нашите деца ќе мора да ги спроведуваат во својата иднина, во некои клучни точки од својот живот. Ние не можеме да ја предвидиме нивната иднина и лесно може да ја измешаме со она што ние сме го доживеале во минатото или нашата сегашност. Од таа причина ние како родители не треба да се стремиме кон некаква дефинирана иднина за нашите деца, туку да им помогнеме со добро изградениот однос со нас и со заедничкото искуство, да ги подготвиме да бидат што посамостојни за да можат во иднина да носат најдобри одлуки за себе. Во зависност од светот во кој ќе живеат, во зависност од тоа какви ќе бидат во тој момент, во зависност од тоа што ќе им биде важно и на што ќе сакаат да се посветат, до следната важна одлука. Впрочем, само така нашите деца можат да станат способни да им помогнат на своите деца да пораснат во исти такви луѓе и во таа далечна иднина и нашите внуци да бидат способни да трагаат по сопствената среќа во животот.“

Дури и родителите на Закерберг и на Гејтс морале да одговорат на прашањето како се воспитува гениј. Ако не постои точен рецепт како за подготвување на колачот на баба, кои се основите за воспитување дете кое под императивите на времето во кое живее мора да биде најмалку Закерберг или Џобс? Можеби тајната е во слободата?

„Најдобриот начин заеднички да се патува кон посакуваната среќна иднина на детето е од самиот почеток да се посветиме на заедничкото патување наместо на некоја замислена цел“, истакнува професорот.
„Прво, изградете и одржувајте позитивен однос со своите деца. Тие треба да имаат доверба во вас и да знаат дека можат да се потпрат на вас. Предуслов за тоа е да бидете во контакт со нив, да можете да ги разберете, да влезете во нивните чевли, да ги поддржите во она што им е важно. Тоа тешко ќе го остварите ако ги гледате само од перспектива на иднината која сте ја зацртале за нив. Второ, од мали нозе децата треба да се соочуваат со предизвици. Охрабрете ги да се справуваат со тешкотиите, да доживеат неуспех, да размислат што можеле да направат поинаку, да пробаат и да се борат за на крајот да ги совладаат проблемите. Трето, помогнете им да научат да избираат на што ќе се посветат во слободното време и како да најдат баланс меѓу посветеноста на лесни и забавни активности и активности кои се предизвик и кои бараат труд, храброст и решавање проблеми. Четврто, помогнете им да градат и да одржуваат позитивни односи со другарите и другарките, дека е лесно да се скараш и да бидеш лут, но дека е правилно да се почитуваат другите и нивната различност бидејќи така и себеси ќе се почитуваат повеќе. Петто, поддржете ги во работите на кои спонтано им се посветуваат. Помогнете им да ги негуваат своите интереси бидејќи така најдобро се развиваат талентите на вашето дете. Којзнае, можеби токму поради тоа вашето дете еден ден ќе заврши во новинарските прашања од типот ‘како нашето дете да стане како…’“, вели Бауцал.

Конечно, вели психологот, направете баланс меѓу помагањето и осамостојувањето.

„Поддржете го детето самото да направи сѐ што може само да направи. Како во песната на Душко Радовиќ, ‘Сѐ што лета би сакало да лета и треба да лета.’ Улогата на родителот е да охрабрува, поддржува и да помага само кога треба, а детето треба да се бори самото да го направи тоа што сака да го направи, дури и ако не му е лесно во тој момент. Сѐ на сѐ, посветете се на односот, на детето и неговото растење, посветете се на заедничкото патување, убавините и маките, а не на некоја одредена цел, каде што вие како родител со најдобри намери сакате да стигнете. Така ќе имате најголеми шанси вашето дете да стигне до добра и успешна иднина која сега можеби и не можете да ја замислете. И што е уште поважно, така ќе знаете дека вашето дете ќе биде способно да управува со својот живот на добар начин дури и кога вас ќе ве нема, и дека тоа истото ќе може да им го пренесе на своите деца.“



912

X