Лекувањето дете со висока температура понекогаш може да биде и збунувачко и стресно, особено бидејќи постојат толку спротивставени совети. Треската се дефинира како телесна температура од 38 Целзиусови степени или повисока и е природен одговор на вашето бебе или детето на борбата против инфекцијата.

– Освен што му е топло, вашето дете може да биде и поизморено од вообичаено, раздразливо и без апетит – вели д-р Симон Латлам, лекар по општа медицина во Алтринкем и медицински службеник во „Пуш Доктор“, кој на форумот од порталот „MadeForMums“ одговорил на некои прашања.

Како можам на детето што има треска да му помогнам да се чувствува подобро?

Добра вест е што постојат многу едноставни работи кои можете да ги направите за да му помогнете на своето дете кога има висока температура. Пиењето течности е многу важно, па поттикнете го на тоа. Задолжително нудете му ја дојката ако доите. Понудете му храна само ако ви изгледа дека тоа го сака – вели д-р Латам. Детето веројатно ќе спие повеќе од вообичаено, па редовно проверувајте го, дури и во текот на ноќта.

Што може да направам за да му ги ублажам симптомите на детето?

Ако треската на вашето дете е последица на вирус, тогаш лековите можеби нема да го отстранат вирусот, но ќе помогнат кај симптомите и ќе ја ублажат болката. Доктор Латам објаснува: „Малку е веројатно дека лековите ќе му помогнат на детето со температура предизвикана од вирусна инфекција. Меѓутоа, ако детето е релативно добро и можете да се грижите за него дома, а го мачи треска, тие лекови може да му помогнат да се чувствува попријатно“.

Треба ли на детето да му ја соблечам облеката ако има температура?

Спротивно на врежаното мислење, нема смисла да му се соблекува облеката на детето, ниту да му се облекува дополнителна облека, бидејќи, според експертите, тоа нема да влијае врз лекувањето на треската. „Би требало да го облечете соодветно за надворешните услови, како и вообичаено. Немојте да го соблекувате, ниту да му облекувате премногу облека бидејќи ништо не помага“, вели д-р Латам. Исто така, на децата апсолутно никогаш не треба да им давате лекови наменети за возрасни лица. Наместо тоа, прашајте го својот педијатар.

Што со конвулзиите?

„Тоа се напади кои повремено се јавуваат кога доаѓа до нагло зголемување на телесната температура на детето. Обично се случуваат на возраст од 6 месеци до 3 години и иако може да бидат многу застрашувачки, обично се безопасни“, вели д-р Латам. Лековите кои ја намалуваат температурата всушност нема да ја спречат оваа појава: „Парацетамолот или ибупрофенот не ги спречува фебрилните напади. Секогаш посетете лекар ако сте загрижени“, вели д-р Латам. Потоа додава: „Ако вашето дете:
– е помалку активно
– дише забрзано, побрзо од вообичаено (но, помалку од 60 здива во минута)
– поретко уринира
– не толерира вода или течности
– оди со тешкотија
– има отечени зглобови
– има висока температура повеќе од 5 дена,

тогаш треба да посетите лекар“.

На крајот, вие најдобро го познавате своето дете и ако работите не ви изгледаат добро, тогаш најдобро е да се консултирате со лекар. Ако вашето ниво на загриженост е помалку итно, тогаш секогаш можете да се јавите во здравствените служби за совети.

Автор: Рејчел Мостин

Извор



912

X