Воспитување

Како да станете подобра тетка

Кога ќе ви кажат дека сте станале тетка, почнувате да замислувате иднина во која поминувате многу време играјќи си со децата на вашата сестра или брат.

И тогаш, во намерата да бидете најдобрата тетка на светот, ве попречуваат обврските, оддалеченоста, лошите односи со братот-сестрата, или едноставно сопствениот живот. Четири години подоцна, еднаш годишно ги гледате вашите мали внуци на нивните родендени, повремено се слушате по телефон, тие имаат блиски односи со тетката што ги чува, додека вас едвај ве познаваат.

Почнува да ве мачи прашањето – дали сум лоша тетка?

Идеализираните очекувања од односите со внуките и внуците, а потоа и вината што ја чувствувате кога тие очекувања не се исполнети, се вообичаени и нормални, велат психолозите. Секој е зафатен со работното место и други обврски и колку и да сака да биде присутен во животот на децата на своите блиски и да има идеален однос со нив, тоа често е невозможно од објективни и оправдани причини. Но, ако чувствувате дека со малку дополнителен труд би можеле да воспоставите врска која би ја сметале за доволно добра, знајте дека никогаш не е доцна да се обидете.

Многу жени мислат дека кога ќе станат тетка, работите ќе се случат сами по себе и дека врската со внуката или внукот ќе се развива природно и спонтано. Но, тоа не оди баш така. За секоја врска потребно е да се вложи време и труд, но и малку знаење. Еве што велат експертите, како можете да станете подобра тетка:

Започнете со искрен разговор со вашиот брат или сестра

Ако сте станале тетка, а вие немате деца, тогаш сè може да ви биде ново и непознато. Можете да започнете искрен разговор со вашиот брат или сестра за тоа што тие очекуваат од вас и дали им е потребна вашата помош со бебето. Можеби понекогаш можете да им понудите да ги чувате децата или да им помогнете во домашните работи. Важно е да сте присутни и да знаат дека сакате да бидете вклучени.

Воспоставете редовен ритуал

Планирајте една ноќ неделно да читате приказни (во живо или преку „Зум“ ако живеете далеку) или да одите на заеднички одмор еднаш годишно. Ова ќе ви помогне да ги зајакнете семејните врски и да бидете присутни во нивните животи. Кога вашата внука или внук ќе порасне, можете да ја проширите заедничката активност. Дури и ако сте на голема оддалеченост, постојат многу начини да ја продлабочите вашата врска. Можете да се допишувате, заедно да ги гледате омилените серии или да учествувате во разни активности на интернет.

Не дозволувајте минатото да ве спречи

Ако сте имале лош однос со вашиот брат или сестра, може да се случи чувството на лутина или вина да ве спречи да изградите врска со внуците. Не дозволувајте. Еден ден тие ќе станат тинејџери и возрасни и ќе имате посебен однос со нив во споредба со оној што го имате со братот или сестрата.

Улогата на тетката е важна во животот на секој човек, дури и кога тие не се совршени луѓе, секогаш со задоволство ќе се сеќавате на заедничките моменти.

Вашиот интерес за внуците нека биде искрен

Децата препознаваат кога вашиот интерес е принуден или кога ги прашувате нешто само колку да ги прашате. Прашајте ги само она што навистина ве интересира.

Колку се постари децата, толку повеќе ценат кога некој е искрено заинтересиран за нив и им посветува внимание.

Извор

Поврзани написи

To top