Ако често користите социјални мрежи или читате портали, веројатно наидувате на мајки-модели. Тоа се оние нереални слики на вити и убави новопечени мајки, еден месец по породувањето. Многу познати жени набрзо по породувањето се појавуваат во јавноста со совршено тело, па се чини како веднаш по породувањето да скокнале на лента за трчање.

Совршено тело по породувањето

Рекордното губење килограмите по породувањето високо ја постави скалата за новите мајки низ светот, а не се натпреваруваат само славните мајки, туку и „обичните“ жени, кои ги следите на социјалните мрежи. Но, дали е реално, а во овој случај дури и здраво, нагло да се слабее по бременоста, со брзина на светлината? Тоа не е ниту реално ниту можно. Денешниот начин на живот не може да им овозможи на жените толку брзо губење на килограмите и колку порано жените го сфатат тоа, толку подобро ќе се чувствуваат. Треба да бидете свесни и дека славите лица во текот на бременоста главно не се дебелеат како просечните жени, а по породувањето имаат ресурси кои обичните жени ги немаат. Тоа вклучува приватни тренери, готвачи и дадилки кои ѝ овозможуваат на новопечената мајка сериозно да се посвети на враќањето во форма.

Кога да се почне со диета?

Експертите советуваат во текот на првите 6 месеци од породувањето воопшто да не размислувате за диета. Потребна ви е енергија за заздравување, а ви требаат и калории за доење. Иако повеќето жени сметаат дека диетата е најбрз и наједноставен начин за слабеење по породувањето, драматичното намалување на калориите не е најдобар почеток, особено ако доите бидејќи телото не може да произведе квалитетно млеко ако не јадете доволно. Доењето само по себе согорува калории, а ако не доите, во ред е да се внимава на внесот на калории, но никогаш немојте да се стремите кон губење повеќе од еден килограм неделно.

Наместо диета – вежбајте!

Иако диетата по породувањето не е пожелна, телесната вежба секако се препорачува. Не само што вежбањето ќе ви помогне да го вратите телото во форма, туку ќе ви ја зголеми и енергијата, а може да се намали ризикот од постпородилна депресија. Не треба веднаш да се почне со силни тренинзи, почнете полека, шетајте или полесно трчајте и вашето тело самото нека поставува темпо.

Помогнете му на телото да го врати сјајот

Жените често се жалат дека им недостига оној труднички сјај, убави и цврсти нокти, бујна коса и сето она што во текот на бременоста поради влијанието на хормоните ги прави поубави. Правилната грижа за косата, кожата и ноктите почнува со внесот на потребните хранливи материи, таа не е краткорочна, а ефектот потоа е видлив однадвор.

Автор: Саша Новак

Извор



912

X