Покрај возбудата, почетокот на училишната година носи и промени во ритамот на целото семејство. Од летната опуштеност се влегува во многу активности, но и обврски, па тој премин понекогаш може да биде извор на стрес и за децата и за родителите.

Крајот на август е период кога родителите се подготвуваат за враќање во колосек, враќање на рутините, но и обврските и со тоа се внесува немир во семејството.

Како овој период да помине со што помалку тензии?

Што било поминало

Многу родители имаат дилема дали децата за време на распустот треба да учат, да вежбаат задачи, да читаат лектири… Одговорот на ова прашање зависи од типот на детето и од неговите интереси, работните навики што дотогаш ги воспоставило, но и договорот што сте го направиле на почетокот на распустот.

Без оглед дали детето редовно читало лектири и/или други книги и вежбало математика, кога се приближува септември, нема смисла да го притискате да ги земе книгите за да се потсети на материјалот.

Прво – не може да стигне за толку кратко време, второ – за него распустот трае до 31 август и не сака да си го расипе со размислување за училиштето, трето – притисокот може да биде контрапродуктивен.

По 1 септември

Договорот куќа гради

За да се воспостават работните навики, важно е да постои договор кога да се работи нешто. На пример, договорете се детето штом дојде дома, да ги напише домашните задачи, а за оние потешките да почека да се вратите од работа.

Зошто е ова важно?

За детето да има чувство дека има некој што ќе му помогне, да не мора да прави сè само, бидејќи тоа некогаш може да биде непотребен товар. Можете заедно да го направите распоредот и детето да нацрта нешто покрај секој предмет откако ќе ја напише домашната задача или да „удри“ печат, да штиклира. Ова се едноставни работи што помагаат да се одржи мотивацијата и извршувањето на задачите да стане (забавна) рутина.

На крајот, имајте го и ова предвид:

Малку е сепак повеќе

Голем предизвик за децата, па и за родителите, е богатата понуда на воннаставни активности. Уште во првата работна недела до нив стигнуваат безброј информации. Но, кога ќе дојде втората недела од септември и кога ќе сфатат дека се запишале на англиски, карате, играорна, фудбал и кошарка, јасно е дека мора да се откажат од нешто. Децата често инсистираат на сите активности, ветуваат дека навреме ќе ги извршуваат сите обврски околу училиштето, но и покрај нивната волја, тоа често е невозможно. Без оглед дали тоа се организациски причини или материјални или запоставување на учењето.

Автор: Драгана Алексиќ, професионален семеен тренер



912

X