Воспаление на непцето или гингивитис се јавува во текот на бременоста поради зголеменото количество на прогестерон и зголемената циркулација на крвта во целото тело, а состојбата обично се влошува во текот на второто тримесечје. Еве неколку совети со кои може да се спречи или ублажи гингивитисот во текот на бременоста.

Самото воспаление на непцето, односно гингивитисот, не е многу опасна состојба, но ако не се лекува навреме, може да се развие во парадонтитис или оштетување на ткивото, па затоа треба да се грижите за забите и за непцата. Парадонтитисот е сериозна состојба и може да доведе до губење на забите, па затоа навремената интервенција е многу важна.

За влијанието на воспалението на непцето врз бременоста и бебето постојат различни мислења. Некои истражувања покажуваат дека може да доведе и до предвремено породување (шансите тоа да се случи се дури 7 пати поголеми кај жени со гингивитис), прееклампсија и други компликации.
Истражувањето дури покажало и поврзаност меѓу феталната смрт и бактериите од устата на мајката, иако таа ситуација е малку веројатна. Во секој случај, многу е важно лекувањето, а најдобро е да се спречи ваквата појава. Иако ретко, гингивитисот во текот на бременоста може да предизвика појава на израстоци на непцата (тумори), но тие не се опасни и обично сами се повлекуваат по породувањето.

Практични совети за борба против гингивитис

* Мијте ги забите барем 2 пати дневно, иако на многу бремени жени тоа им е тешко поради мачнините. Оралната хигиена е многу важна во текот на бременоста.
* Користете паста за заби дизајнирана за чувствителни непца, а и стоматологот може да ви препорача некоја. Четкичката за заби нека биде мека, а четкањето мора да биде темелно, но не и агресивно.
* Барем еднаш дневно чистете ги забите со дентален конец. Користењето конец може да биде од голема помош во одржувањето хигиена на устата и во спречувањето воспалителни процеси.
* По повраќање, задолжително измијте ги забите бидејќи желудочната киселина може да ги нагризе забите и да доведе до нивно оштетување.
* Задолжително посетете го вашиот стоматолог и известете го дека сте бремени. Ако има потреба, исчистете го забниот камен. Во текот на бременоста избегнувајте рендген на забите.
* Земајте витамин Ц бидејќи го зајакнува непцето
* Пијте јогурт и јадете млечни производи поради калциумот што е неопходен за цврсти коски и заби.
* Избегнувајте ги слатките и колачите бидејќи може да ја влошат состојбата.
Најчесто состојбата со непцата сама се враќа во нормала по породувањето. Ако не се случи тоа, побарајте помош од стоматолог.



912

X