Здравје

Како да се справите со опаѓањето на косата по породувањето

Ако неодамна сте се породиле, веројатно сте забележале дека косата ви паѓа повеќе од пред породувањето и тоа е сосема нормално. Еве што треба да знаете за постпородилното губење на косата.

Додека во текот на бременоста вашата коса, кожа и нокти може навистина да заблескаат, по породувањето често се случува косата да почне да ви паѓа, ноктите да се кршат, а кожата да ви биде сува. Овие симптоми се резултат на хормонска промена во телото, а веројатно ве интересира колку долго трае овој период и дали можете да го превенирате. Косата паѓа на дневна основа, а промените што се случуваат во текот на бременоста можат само да го засилат тоа. Дерматологот Сејал Шах вели: „Во текот на бременоста се случуваат многу хормонски промени кои, меѓу другото, го забрзуваат растот на косата“. Со други зборови, во текот на бременоста сте „заштитени“ од опаѓање на косата.

Кога по бременоста хормоните ќе се вратат во рамнотежа, доаѓа до нагло опаѓање на естрогенот, кој предизвикува зголемено опаѓање на косата. Но, утешително е тоа што косата не ви паѓала неколку месеци, па некои влакна треба да се променат. Таа појава се нарекува уште телоген ефлувиум. Освен хормонски промени, се разбира, тука е и стресот на кој е изложена новата мајка, особено кога се работи за прво дете – замор, недостиг на сон, искуство со доење, нови прехранбени навики… сето тоа остава трага. Добрата вест е што губењето на коса по породувањето е привремено и ќе исчезне до првиот роденден на вашето дете. Дотогаш пробајте трикови кои ќе ви помогнат да го намалите опаѓањето на косата или да го прикриете.

Вистинска нега

Секако, тргнете од избор на шампон и регенератор, а притоа водете сметка дали шампоните за волумен се добар избор. Но, со регенераторот би требало штедливо да се однесувате бидејќи поголемите количини би можеле само да ја „прилепат“ преостанатата коса за главата и да ѝ го одземат волуменот. Маските за коса се одлични за хидрирање, но обрнете внимание на тоа дека треба добро да ја измиете косата по користењето. Ако користите фен за коса, сушете ја со студен воздух за да не го оштетите дополнително влакното.

Бидете нежни со косата

Фризерите препорачуваат да не ја расчешлувате косата пред сушење бидејќи кога е мокра, полесно пука, а за чешлање изберете четки од природни влакна. При стилизирањето избегнувајте гелови, пени и лакови за коса, бидејќи влакната повеќе пукаат и паѓаат. Се разбира, врзувањето на косата во опавче и во пунџа ја попречува циркулацијата, па избегнувајте такви фризури додека не престане фазата на губење на косата.

Косата хранете ја однатре

Во својата прехрана воведете намирници богати со витамини, особено Б7, флавоноиди и антиоксиданси бидејќи ги хранат фоликулите на влакната и го поттикнуваат нивниот раст. Уживајте во црна чоколада, а целерот, мешунките, млекото, јаткастите плодови, пивскиот квасец, бананите и житариците нека бидат почесто на вашето мени.

Опуштете се

Мајки, без разлика на сите обврски што ги имате со бебето, пронајдете време за себе. И немојте поради тоа да се чувствувате виновни. Не мора да се вклучите во групно вежбање, ниту да преземате некои големи акции, доволно е да правите нешто во што уживате, како што е кафе со пријателите во парк или читање книга или гледање филм. Важно е барем половина час да бидете одвоени од својата дневна рутина.

Автор: Сања Маташиќ

Извор

Поврзани написи

To top