Неколку работи предизвикуваат родителите да скокнат кон своето дете кога ќе видат дека од носот му тече крв. Страшно е. Реакцијата е вознемирувачка и за родителите и за децата. Добрата вест е што крвавењето од носот кај децата е вообичаена и често безопасна ситуација.

Што го предизвикува крвавењето од носот кај децата

На секого може да му се случи, вклучувајќи ги и тинејџерите и возрасните, но, сепак почесто се случува кај деца на возраст од три до десет години, вели педијатарот Ашанти Вудс од Балтимор. Зошто? Бидејќи децата го чепкаат носот. Колку и да звучи глупаво, една од главните причини е ставањето на прстот во носот.

– Повеќето случаи со крвавење од носот се предизвикани од назална траума – чепкање на носот, често дување на носот или директна повреда. Носот е преполн со чувствителни крвни садови, па понекогаш дури и триењето однадвор може да доведе до крвавење, како што е случај со сезонските алергии). Сувиот воздух, исто така, го иритира носот и може да биде втора причина. Како што кожата е склона кон пукање и крвавење кога е премногу сува, истото се случува и со носот. Кога внатрешноста е сува, само мало триење или чешање може да биде доволно за да почне крвавењето – вели Вудс.

Како да спречите крвавење од носот?

За жал, како на пример и повраќањето, крвавењето од носот е едно од оние непријатни детски искуства што е многу веројатно детето да ги доживее. Па, што треба да направи родителот?

– Извршете притисок – односно со палецот и показалецот притиснете во предниот ден (мекиот дел) од носот и држете 10 минути – вели Вудс. Иако се смета дека главата треба да се наведне наназад, не правете го тоа. Детето нека седне и благо нека ја насочи главата кон напред. Ова е превенција за крвта да не биде проголтана и да предизвика задушување или повраќање. Вудс, исто така, предлага да се постави нешто студено на носот, но откако носот ќе биде притиснат. Со тоа ќе се намали воспалението и ќе се зајакнат крвните садови. Гледањето крв може да го исплаши детето, а и вашите изрази на лицето може да го покажуваат тоа. Затоа, обидете се да го смирите детето. Откако крвавењето ќе се смири, детето да избегнува да го дува носот и напорни активности одредено време.

Кога да се загрижите?

За повеќето случаи не е потребна лекарска помош, но за некои мора да се обратите на лекар.

– Ако детето има неколку вакви моменти во неделата и тоа трае повеќе недели, тогаш обратете се на лекар. Исто така, ако детето има историја на лесно повредување, или во семејството има повеќе случаи на нарушувања со крвта, треба да одите на лекар – вели Вудс. И во случаи на сериозен пад или повреда, кога има голема количина на крв и ако крвавењето не престанува по вашите обиди, а и ако детето чувствува вртоглавица – и тоа е знак дека треба да се одите на лекар.

За што е знак крвавењето од носот кај децата?

Во повеќето случаи крвавењето од носот не е знак за ништо друго освен за чувствителни крвни садови во повредениот нос.

– Сепак, ако крвавењето не престанува, тоа може да биде знак и за нарушување во крвта, или инфекција од бактерии, или израсток во носот кој треба да биде прегледан од специјалист – вели Вудс.

Превенција

За среќа, постојат начини за превенција на крвавењето од носот. Потсетувајте го детето да не ги става прстите во носот, а неговите нокти секогаш нека бидат исечени. Ако живеете во сува средина, користете средства и уреди за навлажнување на воздухот во домот. Користете и спреј или капки за нос, два до три пати на ден, чија основа е солена вода (на природна база). Може и да нанесете вазелин во носната шуплина на вашето дете. Детето нека внимава и кога го дува носот. Исто така, можете да го тестирате детето за сезонски алергии.

– Сезонските алергии што не се третираат може да доведат до кивање, течење на носот и слично, а сето тоа да доведе и до крвавење поради иритацијата – вели Вудс. Под надзор на лекар, детето може да прими некои од лековите за третман на алергии за да се следи дали симптомите ќе се намалат.

– Некои лекови за алергија се дозволени и за деца до шест месеци, но не се сите такви лекови соодветни. Консултирајте се со лекар пред да почнете да му дадете каков било лек на детето – додава Вудс. Таа вели дека родителите треба да се осигурат капките и различните видови спрејови да се нанесуваат соодветно, бидејќи и самиот спреј може да предизвика крвавење од носот.

– Спрејот или капките треба да се нанесат во ноздрите и да се насочат кон увото кое се наоѓа на истата страна од ноздрата, а дури потоа да се прсне. Ова не е добро искуство за никого, но ако вашето дете ви се појави раскрвавено, не паничете. Останете смирени, притискајте го мекиот преден дел од носот 10 минути, а потоа пресоблечете му ја валканата маица на детето.

Автор: Хедер Џонс



912

X