Воспитување

Како да се справите со фактот дека вашите деца се пораснати и заминуваат од дома

Повеќето родители учат како да се справуваат со заминувањето на децата од дома. Љубовта кон децата е безусловна и родителите не можат да си го замислат животот без нив. Но, тие едноставно растат многу брзо и пред да трепнете, веќе се независни личности и си заминуваат од дома – да се едуцираат, да работат, да создадат свој живот. Но, не треба да тагувате, а има и неколку начини на кои можете соодветно да се справите со таа промена во животот:

Ставете се себеси на прво место

Влегувате во ново поглавје од животот. Потребно е време за да се приспособите. Бидете трпеливи кон себе – сте жртвувале толку многу за да ги одгледате вашите деца, па сега е време да се фокусирате на себе и партнерот. Време е и за вашите соништа – можеби отсекогаш сте сакале да свирите на гитара или пијано. Најдете начин да се негувате себеси, слушајте музика, гледајте ги омилените филмови, уживајте во добра храна, дружете се.

Стојте цврсто на земја

На почетокот ќе бидете под стрес. Пред да донесете важни одлуки, треба да бидете реални и да стоите цврсто на земја и во сегашноста. Живејте во моментот, не оптоварувајте се со минатото и не грижете се за иднината. Кога сте присутни во моментот, можете да пристапите кон мудроста од трите центри за интелигенција:

-Стомачен центар: ве поврзува со сензациите на телото.
-Срцев центар: го филтрира светот преку емоционални леќи и ве охрабрува да се поврзете со другите.
-Умствен центар: ви дава пристап до мудроста на универзумот со тивок ум.

Медитацијата е одличен начин да се поврзете со вашата внатрешна мудрост. Има многу начини за медитирање. Најдете ги типовите што ви одговараат. Можете да пробате јога, танцување, дишење, вежби, прошетки, пливање, создавање уметност, фотографија и сл. Слушајте музика која ќе ве допре. Музиката е подарок кој ве носи на различни места и ве внесува во момент каде што нема почеток и крај.

Изразете ја вашата тага

Не е лесно да гледате како децата заминуваат. Со текот на времето ќе воспоставите нов начин на живот. Дајте си простор да тагувате. Направете сè што треба за да се ослободите од болката и тагата преку креативна експресија, на пример, сликање, цртање, проза, поезија и друго.

Останете активни

Ако работите во некоја организација, можете повеќе да се активирате во неа. Можеби ќе ви биде чудно на почетокот, но ќе се навикнете. Ако вашите деца повеќе не живеат дома, не значи дека треба да престанете да волонтирате во училиштето во кое учеле.

Прифатете ја промената

Најдобро е да прифатите дека влегувате во ново поглавје од животот. Може некоја од собите на децата да ја декорирате и да ја направите гостинска или слично. Може да купите нова уметничка слика и да ја закачите во вашата соба. Да го преуредите ентериерот. Што било од такви активности кои ќе ви го сменат фокусот и ќе ви дадат до знаење дека нови авантури и предизвици се пред вас.

Направете листа

Што сакате да направите? Земете лист хартија и напишете кои искуства сакате да ги доживеете. Можеби сакате да патувате, да скокнете со падобран, да скијате на вода, да се приклучите во хор, да нуркате и слично. Одлучете се за распоредот и секоја година остварете неколку од тие активности и желби.

Практикувајте благодарност

Многу е лесно работите да се земат здраво за готово. Може да создадете дневник за благодарност. Одредете време секој ден за да запишете за што сте благодарни. Храна, пријатели, миленичиња, што било. Ќе се потсетувате дека имате уште многу нешта за кои треба да сте благодарни и покрај тоа што тагувате поради заминувањето на вашите деца. Колку повеќе ги цените работите што ги имате, толку повеќе радост ќе чувствувате. Тешко е да се биде намуртен и лут кога сте благодарни. Новите искуства ќе ви донесат радост.

Автор: Роланд Леџ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top