Од една страна, тремата и стравот можат да бидат позитивни, во смисла да ја натераат личноста да се концентрира на одговарањето и на презентацијата, и на тој начин да го извлече максимумот од себе.

Овој проблем е многу чест меѓу учениците и тие постојано се прашуваат како да го надминат стравот и да ја совладаат тремата од одговарање пред целото одделение.

Стручните лица го даваат одговорот:

„Сите некогаш сме се соочиле со овој проблем. За жал, повеќето деца, па и возрасни, не успеваат да го совладаат тоа никогаш. Односно, успеваат само да го ублажат, но не и да го искоренат. Од една страна, тремата и стравот можат да бидат позитивни, во смисла да ја натераат личноста да се концентрира на одговарањето и на презентацијата, и на тој начин да го извлече максимумот од себе. Така се фокусира на темата 100 отсто. Од друга страна, пак, може и да се блокира. Се случува блокада поради зголемен адреналин и сè се заборава во истиот момент. Е, тоа е проблем!

Во таков случај одговарањето пред одделението треба да го сфатите и да си го претставите како некоја мисија што треба да ја направите за да добиете подобар резултат, пофалба, напредок во работата и во учењето, да добиете чувство на задоволство и среќа. Обидете се учењето и одговарањето да ги сфатите како процес во кој можете да пронајдете интерес, задоволување на некои потреби, корист од откривање нешто непознато и успех.

Замислете дека сте успешни, дека сте постигнале одредена цел, дека ги држите работите во свои раце. Морате да го прифатите фактот дека самите сте одговорни за себе, за својот успех и за статусот што го уживате во друштвото. Бидете сигурни во тоа што го зборувате бидејќи тоа е првиот чекор кон ’влезот во светот‘, за некој да ве чуе, да ве види, па дури и да ве поправи затоа што од грешките и тоа како се учи. Секоја грешка создава одредено искуство што трајно се врежува во мозокот и се запомнува за сите времиња. Немојте да се плашите бидејќи секое учење и знаење е корисно и кога-тогаш ќе ви притреба. Сè што сте научиле ќе го примените во секојдневниот живот, затоа тргнете, дофатете ја секоја буква, секој збор, станете, зборувајте и верувајте во себе.

Знаењето е моќ! Тоа е единственото нешто што секогаш го имате покрај себе и кое никој никогаш не може да ви го одземе. И верувајте, со текот на времето ќе се ослободите и ќе бидете среќни што управувате со својот живот. Главата горе и напред!“

Автор: Загорка Маринковиќ, педагог

 



912

X