Сакајте се себеси. Едноставен концепт за кој често слушате во животот. Може да го видите тој инспиративен цитат испечатен на маичка или на картичка која сте ја добиле како подарок. Но, колку од нас навистина го применуваат тоа? Ако си го поставувате ова прашање, не сте сами. Да се сакаме себеси е важно – не е доволно само да ги кажеме зборовите со позитивна афирмација во огледало. Мора и да се потрудите за да го примените тоа. Помислете на вашиот живот како да е филм. Вие сте ѕвезда на сопствената приказна. Но, ако не се сакате и не се грижите за себеси, вашата приказна нема да го достигне својот потенцијал.

Да се сакате себеси не е секогаш лесно. Сите се соочуваме со предизвици, особено за нашата психа. Но, добрата вест е дека можете да научите да се сакате повеќе, а следните совети ќе ви помогнат:

Прво наполнете ја својата чаша

Ова особено важи за мајките. Им давате премногу на сите, така е? Постојано им угодувате на луѓето околу вас: партнерот, децата, соработниците, семејството, пријателите. Но, не можете да истурате од чаша која е празна. Ако не си дадете време и не се потрудите да си ја наполните својата чаша, ќе немате ниту што да дадете. Правете работи кои ви ги полнат батериите.

Запознајте се себеси

Неверојатни сте и забавни за дружење. Треба да се потсетувате на ова што почесто и да си бидете својот најдобар пријател. Одете на филм, испратете си букет цвеќе, научете да уживате во сопственото друштво.

Не бидете премногу строги кон себе

Не сте совршени, никој не е. Па откажете се од постојаниот напор да бидете совршени. Не бидете строги кон себе.

Велете „не“ почесто

Не мора да кажете „да“ на сè што ќе се побара од вас. Не сакате да разочарате никого, јасно е, но запомнете, никогаш нема да имате полна чаша ако не ја полните со ништо. Во ред е и совршено е здраво да си поставувате граници и да се држите до нив.

Пофалете се самите

Не е арогантно да ги препознаете своите достигнувања. Сте работеле напорно. Да се сакате себеси, значи да ви биде удобно со фактот дека заслужувате пофалба.

Имајте благодарен став

„Ендорфинот ве прави среќни“, рекла Ел Вудс. Позитивното размислување ќе доведе до општа благосостојба кај вас и ослободување на ендорфини и серотонин. Толку е едноставно – треба само да се потсетите на работите за кои сте благодарни.

Бидете добри кон своето тело

Ова е основата на љубовта кон себе: грижете се за вашето тело, едно е и ваше и ваша задача е да го негувате. Јадете здрава храна, одморајте се и дозволете си задоволства.

Престанете да се извинувате

Не значи дека не треба да го користите зборот „извини“. Но, ако броите колку пати се извинувате за неважни работи, ќе се шокирате. Работете на своето однесување, па ќе знаете кога навистина е потребно извинување.

Прифатете се себеси

Мора да се прифатите целосно за да се сакате целосно. Прифатете ги и вашите несигурности, изминати трауми и сè што ве одвраќа од целосно прифаќање на сопствената вредност. Мора да се работи и на менталното здравје, па дури и со професионалец од таа област.

Ослободете се

Еднаш бев во авион со прекрасна жена која ми се довери дека никогаш порано не летала. Веднаш откако полетавме, имаше турбуленција, па дури и јас почнав да паничам. Ми текна дека можеби јас треба да ја утешам жената, а се уверив дека таа е целосно релаксирана. Кога ја прашав како ѝ успева, ми рече „Па, тоа е надвор од мојата моќ сега“. Поентата на приказната? Нема корист да се нервирате за нешто што не е во ваша моќ.

Уредувајте

Никој не очекува да си ја смените професијата, но да уредувате работи во животот значи да го промените она што ве попречува на некој начин. Намалете го кругот на луѓе, доколку некои се токсични и ве забавуваат. Исчистете го умот и тоа ќе направи да ви биде полесно да ги цените оние што навистина инвестираат во односот со вас.

Тргнете се од социјалните медиуми

Социјалните медиуми навистина ни овозможуваат комуникација со луѓето што не се покрај нас. Но, ни одземаат преголем дел од нашето време, а и често се споредуваме со другите и нивните активности, што лошо влијае врз менталното здравје. Студија од 2019 година од „Едисон истражувања“ дава податоци дека 81 процент од американските мајки користат „Фејсбук“ во споредба со 61 процент од целосната американска популација, 53 проценти од мајките велат дека има премногу негативност во онлајн-светот, 23 проценти од мајките велат дека социјалните медиуми имаат негативно влијание врз нивната емоционална благосостојба, 49 проценти од мајките на социјалните медиуми не споделуваат, објавуваат или коментираат бидејќи се загрижени дека ќе бидат осудени.

Дајте си специјален третман

Одморите се одличен начин за да побегнете од сè, но понекогаш кога одиме со други, врзани сме за распоредот. Одете сами некаде, па воведете свое темпо и уживајте во она што ве прави среќни.

Цитати се себесакање

„Сакајте се прво себеси и сè ќе си дојде на свое место“ – Лусил Бол.
„Секогаш сте со себе, па добро би било да уживате во сопственото друштво“ – Дајен вон Фурстенберг.
„Да се сакате себеси прави чуда во вашите животи“ – Лоиз Л. Хеј.
„Да се сакате себеси не е суета. Тоа е разум“ – Катрина Мајер.
„Сакајте се себеси. Доволно за да го правите она што е потребно за вашата среќа. Доволно за да се ослободите од болното минато. Доволно за да поставите високи стандарди за вашите врски. Доволно за да ги храните умот и телото на здрав начин. Доволно за да си простите. Доволно за да продолжите напред“ – Стив Мараболи.

Автор: Џули Спренклс

Извор



912

X