Пред да ги имате децата, одмор подразбирал вистинско уживање…
Но, сега, одморот со деца може да биде сè освен време за релаксирање. Прочитајте како навистина можете да дозволите вашето слободно време да ви биде пауза од стресови наместо продолжение на лудото секојдневие.
Еве како да се опуштите додека сте на одмор со децата:
Правете паузи додека патувате
Кога патуваме со автомобил повеќе часови, очекуваме дека во одреден момент ќе има пауза за да ги истегнеме нозете и да земеме здив. И покрај тоа што ова може да звучи како нешто што е очигледно, од големо значење е да ги применувате паузите на долгите патувања. Моето дете беше воодушевено кога од дремка се разбуди на местото каде што правевме пауза и таму имаше дел за играње на вода. Ручавме и продолживме по нашиот пат. Најдобриот дел беше тоа што син ми продолжи да спие на остатокот од патот.
Мудро одбирајте го времето за патување
Врз основа на возраста на вашите деца, обидете се да го планирате вашето патување околу нивното вообичаено време за спиење или одмор. Вие најдобро знаете со што може да се справи вашето семејство, без разлика дали тоа е лет со авион, возење во воз или автобус, или возење со автомобил. Но, планирањето околу секојдневното темпо на вашето семејство може да го направи патувањето полесно или и да го прекине. Обично заминуваме за време на дремката на моите деца, ако се работи за пократки патувања или се обидуваме да заминеме пред да дојде времето за спиење на децата, кога се работи за подолги патувања.
Изнајмете дом или апартман
Можете да готвите оброк во кујната или да се капете доцна навечер со вашиот партнер (ако можете и да изнајмите место со базен или џакузи), со мониторот на кој ги слушате децата. Можете дури и да имате гости и да се опуштите знаејќи дека децата се безбедни в кревет. Бонус е и тоа што не сте заглавени во хотелска соба и не шепотите кога децата спијат!
Заборавете на деновите кога се будите рано со децата
Потребна ви е енергија за да имате прекрасен ден со децата, наместо да бидете цел ден поспани. (Ако доите, само нахранете го бебето, и пак вратете се на спиење!)
Вие најдобро го знаете ритамот на вашето семејство. Ако децата можат да се справат со седењето доцна, но дремките попладне им се свети, тогаш распоредувајте го времето на тој начин. Ако го ограничувате времето пред екраните дома, но сакате да имате семејна филмска ноќ на одмор, тогаш сторете го тоа, или оставете ги децата да гледаат цртани наутро еден час за да можете и вие и вашиот партнер да спиете. Ако не им е дозволено слатко, а сакаат сладолед по вечерата, оставете ги да јадат, па на одмор сте! Поентата е да ги изместите правилата кога можете за да ги направите работите полесни и порелаксирани за сите, и нема да го поминете целиот ваш одмор под стрес, за да одржувате сè точно како што тоа го правите дома. Во тоа е убавината, не сте дома!
Запомнете дека сè е до локацијата
Ако вашите деца сакаат да пливаат, изнајмете куќа со базен или одете на плажа каде што можете да ги поминете деновите прскајќи се и смеејќи се. Ако сте семејство кое сака да оди на кампување и планинарење, забавувајте се при истражувањето на новиот камп. Тоа може (и треба!) да биде нешто што исто така сакате да го правите. Ако сите се среќни, ќе има помалку лелекања и фрустрации, а повеќе време ќе се потроши во создавање спомени и заедничко уживање.
Патувајте со семејството или пријателите
Во овој случај, не само што имате дополнителни раце за споделување на должностите за готвење, чистење и гледање на децата, туку и создавате неверојатните спомени за вашето семејство.

Обидете се да останете уште еден цел ден дома пред да се вратите на работа и на училиште
Ова може да биде тешко и не е секогаш можно, но одлично е да имате плус ден за отпакување, справување со алиштата и за враќање на распоредот пред да започне реалниот живот.
Променете ја вашата перспектива
Сите знаеме дека нема да биде истиот вид одмор каков што сме го практикувале пред да имаме деца. Ако ја преформулирате вашата перспектива, ќе сфатите дека овој вид одмор е одличен за поминување време со семејството, кога сте далеку од обврските во домот и работата. Не се работи само за спиењето, уживањето во нови локации или јадење неверојатна храна. Станува збор и за уживање во моментот, заеднички.
Автор: Даниел Лидс Ким