Човек од рано детство се труди што повеќе да се вклопи во друштвото и со тоа да не биде отфрлен. Може да се каже дека оваа потреба го следи низ целиот живот. Меѓутоа, психолошки гледано, не постои веројатноста да се повтори истата комбинација на личноста која секој од нас ја носи со себе.

Зошто е важно да се биде автентичен?

Студиите што се занимавале со истражување на човечката среќа укажуваат на тоа дека личноста која покажува повисок степен на автентичност остварува повисоко ниво на чувството на задоволство. Исто така, овие личности покажуваат понапреден личен развој, поголема самодоверба и поквалитетни односи со луѓето во својата околина. Личноста која ја негува својата автентичност е во постојан допир со своите потреби, па е логично дека ќе работи на тоа да ги исполни.

Уште во раното детство може да се развива индивидуалноста, но и да се воздржува. Родителите се клучни фигури во создавање на автентичноста како црта на личноста кај детето.

Што знаат родителите на автентични деца?

Детските чувства не се занемарливи

Секое чувство што го доживува детето е значајно и вредно за внимание од родителите. Не треба да се занемари доколку детето се чувствува лошо во врска со нешто. Ова не значи нужно решавање на таа ситуација. Понекогаш е доволно да се уважат емоциите.

Им даваат можност за избор на децата

На малите деца треба да им се даде слобода да одбираат. Овие избори може да бидат мали, но се важни во изградбата на самодовербата и самостојноста. Кога детето носи одлука, тоа стекнува впечаток дека е доволно способно. Сепак, треба да се биде внимателен со давањето можност за избор. На пример, детето може да избере помеѓу овошје кое ќе го јаде за ужина, дополнителни активности што ќе ги извршува, облеката што ќе ја носи. Па така прашањето: Што ќе јадеш денес за ужина? – заменете го со „Дали сакаш јаболко или банана за ужина?“ Така нема дилема дека детето ќе направи „лош“ избор, но му се дава слободата на избор.

Негуваат специфични интереси на детето

Колку и да не ви се блиски лично неговите интереси, обидете се да ги разберете и поддржите. Можеби вие лично сте тренирале некој спорт, но вашето дете сепак ќе се определи за некоја уметност. Со уважување на различноста на детето од неговата врсничка група, па и вас самите, ќе добие чувство на прифатеност. Наспроти тоа, доколку се отфрлат овие специфични интересирања, само затоа што вам ви се чудни и неприфатливи, детето стекнува слика за себе дека е погрешно или со други зборови дека е „црна овца“. Ова чувство се задржува и во возрасна доба.

Треба да се биде свесен дека децата денес се соочуваат со притисок од социјалните мрежи во текот на растењето. Се трудат да личат на своите модели од екранот, па дури и физички. Овој феномен е присутен и кај возрасните, а кај децата е уште поизразен. Затоа треба да се поттикнува и да се негува автентичноста.

Исто така, педагошката практика покажала дека родителите што ја негуваат својата индивидуалност ќе ја поддржат и препознаат и кај своето дете. И спротивно, родителите чија посебност била воздржана во детството нема да искажат поддршка и интересирање за развивање на уникатноста ниту кај своето дете. Сепак, тоа секако не значи дека сме жртви на своето детство и кога ќе го сфатиме значењето на она што нам ни било скратено, баш тоа можеме да му го дадеме на своето дете.

Автор: Милјана Цветковиќ, дефектолог

Извор



912

X