Воспитување

Како да се расправате пред децата на здрав начин?

Вообичаено, со доаѓањето на детето доаѓаат и непроспиените ноќи и се зголемуваат расправиите и кавгите во семејството. Тоа е сосема нормално, но треба да се земе предвид дека децата се чувствителни и дека кавгите оставаат длабока трага во нивната психа.

Студија од 2017 година, објавена во „Европски журнал за педијатрија“, покажала дека раната изложеност на семејни конфликти може да го зголеми ризикот од проблеми со менталното здравје во адолесценцијата.

Сепак, некои експерти за родителство веруваат дека здравите несогласувања во семејството, всушност, можат да бидат корисни за емотивниот развој на детето. Советничката за ментално здравје Саманта Бикман опишува на кој начин можете да ги претворите несогласувањата меѓу вас и вашиот партнер во позитивни воспитни алатки.

Несогласувањата се нормални во сите врски

Несогласувања им се случуваат на сите, но најважно е како ќе ги решиме. Клучот е да останете смирени и да се обидете да спречите какво било сериозно несогласување да прерасне во кавга додека децата се во близина.

„Ако дискусијата се претвори во викање, извикување навреди или некоја друга форма на непочитување и агресија, децата учат дека несогласувањата се секогаш интензивни и доведуваат до тегоби. Тоа може да ги натера да избегнуваат тешки разговори, поставување граници и изразување на нивните потреби во иднина“, предупредува Саманта Бикман.

Отворено зборувајте за тоа што се случило

Ако дискусијата навистина ескалира и се претвори во кавга пред децата, отворено разговарајте со нив. Објаснете им дека понекогаш возрасните се лутат еден на друг, но дека не е во ред да викате или да употребувате лоши зборови. Отворете дискусија со нив, прашајте ги дали имаат прашања, или нека ви кажат како се чувствувале за време на расправијата, советува Бикман. Таа додава дека најважно е да се потврди и нормализира нивното искуство.

Покажувањето на децата дека е можно да се решат несогласувањата на здрав начин ќе им помогне не само во детството, туку и во нивните идни врски.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top