Воспитување

Како да се преживее ненаспаноста во првите месеци од мајчинството

Сите нови мајки мора да бидат свесни дека првите неколку месеци ќе биде хаотични и дека тоа не е вистинско време за исполнување на недостижниот идеал за совршен родител. Не мора да го чувствувате притисокот дека домот мора да биде без ниту една дамка и прашина и дека оброците мора да се готват 3 пати дневно. Додека хормоните не се стабилизираат и не престанат честите промени на расположението, признанието дека ви е потребна помош ќе ви овозможи да се одморите и да се фокусирате на скапоцените моменти со детето. Клучот за нормален живот на секој нов родител е битката за доволно сон. Честото хранење во ноќта, менувањето пелени во 3 часот по полноќ и вртоглавиците може да придонесат дури и најиздржливите мајки и татковци да се претворат во зомби-верзии.

Во текот на првите месеци од родителството сигурно се прашувате дали има надеж дека тоа тешко време ќе помине.

Како да се справите со стресот и недостигот на сон во првите неколку месеци?

Воспоставете рутина на спиење

Можеби звучи здодевно, но правилниот ритам на спиење навистина прави разлика и помага во намалување на заморот по доаѓањето на бебето. Воспоставувањето рутина и одењето во кревет во исто време ги подготвува телото и духот за сон – што е особено корисно ако и вие можете да си легнете веднаш откако ќе го заспиете детето. Се препорачува релаксирачка рутина, на пример, топла бања или читање неколку страници пред спиење, како и исклучување на електронските уреди 1 до 2 часа пред спиење.

Создајте добро опкружување за спиење (за себе и за детето)

Паралелно со едноставната рутина за спиење, погледнете го и опкружувањето во кое спиете. Дали спалната соба е место за опуштање, каде што сакате да заспиете? Нередот, велосипедите за вежбање, несредената облека и сметките ви го одвлекуваат вниманието и го попречуваат добриот сон, па затоа потрудете се сите непотребни работи да ги отстраните од спалната соба. Не чувствувајте се лошо ако сакате да направите и пауза од спиење покрај партнерот. Доволниот сон придонесува и за поздрави и посреќни врски, а спиењето во одвоени кревети понекогаш е здрава опција. Сето тоа е добро и за бебето. Ако неговото опкружување е погодно за добар сон, подолго ќе спие. Замотување, намалување на вревата и затемнетата спална соба може да му помогнат на детето подолго да спие.

Прифатете помош (и не плашете се да ја побарате)

Нема почесно одликување за самостојно поминување низ бессони ноќи. Кога и да е можно, прифатете помош – или побарајте од семејството и пријателите. Бебињата обично спијат кратки периоди во текот на 24 часа, па дозволувањето на другите да ви помагаат во хранењето или промената на пелените е пресудно.

Менувајте се со партнерот

Понекогаш најдобрата помош е најблиску: вашиот партнер или сопруг. Малку тимска работа може да биде од голема помош. Навечер менувајте се со него за секој од вас да има по неколку часа непрекинат сон. Ако доите, обидете се да одите на спиење истовремено со бебето и проверете дали може партнерот да го храни бебето со шишенце со измолзено млеко. Ако сте самохрана мајка, потсетете се на горниот совет: прифатете помош, дури и во текот на ноќта. Замолете пријател или член на семејството да спие со вас и да се погрижи за бебето додека вие се одмарате.

Наполнете ги батериите на други начини

Слушање омилена музика, читање, готвење или омилено хоби. Можеби се прашувате како е можно да се занимавате со хоби додека имате бебе, но пронаоѓањето време за нешто во кое навистина уживате може да ви помогне да го намалите стресот. Исто така, добра идеја е и само да се седи на кауч и да се гледа телевизија.

Не заборавајте на исхраната и вежбањето

Тука има двонасочен однос – колку поздраво јадете, толку е подобар сонот – а колку е подобар сонот, толку вашиот избор на храна е поздрав. Истото важи и за телесните вежби. Давањето приоритет на здравата исхрана и физичката активност ќе ви даде подобра енергија во текот на денот и ќе ви овозможи подобар сон.

Не претерувајте со кофеинот

Иако краткорочно може да ве спаси, кафето всушност не помага. Кофеинот не е замена за сон, а ако го пиете цел ден за да останете будни, веројатно ќе имате проблеми пред да потонете во сон. Нема ништо лошо во една шолја кафе дневно, но обидете се да го консумирате умерено и не практикувајте кафе подоцна во текот на денот.

Не занемарувајте ги симптомите на кризен замор

Природно е да се чувствувате изморени по породувањето. Закрепнувањето и грижата за бебето бараат многу енергија. Сепак, ако забележите знаци на депресија или имате проблеми со приспособувањето на животот со новороденчето, обратете се на лекар. Ако не можете да спиете навечер дури и кога бебето спие или постојано сте изморени, тоа би можело да се знаци на постнатална депресија. Други знаци се и чувство на безнадежност и губење интерес за работи во кои вообичаено уживате. Родителството е предизвик. Но, ако ви е тешко да се борите против заморот и покрај целата хидрација, исхрана и одмор, а пак сте изморени, време е да се обратите на лекар.

На крајот, внимавајте на знаците кои укажуваат на хроничен недостиг на сон. Тоа е сериозно нарушување кое може негативно да влијае врз когнитивните функции до таа мера што може да изгледате како „пијани“. Сето тоа може да резултира со сериозни здравствени последици, како дијабетес, дебелеење, нарушена толеранција на глукоза, кардиоваскуларни болести, хипертензија, анксиозност и депресија.

Знаци на кои треба да се обрати внимание: проблеми со концентрација, заборавање, промени во расположението, заматен вид, промени во апетитот. Ако кој било од овие симптоми ви звучи познато, време е да побарате помош, да се советувате со лекар и се разбира – добро да се наспиете.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top