Длабинската хидратација на кожата е несомнено најдобриот третман во текот на летниот период за сите типови кожа, вели д-р Анџелка Илиева од „Жан Митрев

Покрај неопходната фотопротекција која треба секој пациент да ја обезбеди за својата кожа преку користење кремови со заштитен фактор, потребно е да се одржува и постојано ниво на влажност за кожата да не се пресуши, а со тоа да не ги изгуби своите основни заштитни функции и да не дојде до забрзано фотостареење.

Длабинската хидратација на кожата е несомнено најдобриот третман во текот на летниот период за сите типови кожа, за нејзината најважна заштитна функција да може да биде на високо ниво и да одговори на зголемените потреби при континуираната изложеност на сонце, вода и високи температури.

Поради особеноста на површинскиот – епидермален слој на кожата и неможноста многу кремови и локални препарати да достигнат до длабоките слоеви на кожата, каде што всушност се најмногу потребни, најдобар начин да обезбедиме длабинска хидратација на кожата е со помош на мезотерапија.

 

Мезотерапијата е современа нехируршка метода на вшприцување активни состојки во средниот слој на кожата (мезодерм), која се изведува со неколку иглени техники, на различна длабочина, зависно од регијата во која се аплицира. Затоа е неопходно да ја прави дерматолог, доктор сертифициран и едуциран за оваа техника. Супстанциите што се внесуваат за оваа цел се специјално произведени мезококтели (медицински помагала клас III, одобрени за интрадермална апликација) и најчесто содржат витамини, колаген, хијалуронска киселина, аминокиселини, како и состојки за подобрување на циркулацијата.

Со помош на мезотерапија и комбинација од коктели, зависно од дијагнозата и потребите на кожата, покрај основната хидратација, колаген индукција, биоревитализација, обновување и подмладување, исто така се решаваат и многубројни дерматолошки состојби, како акни, розацеа, стрии, пигментации, лузни, целулит, алопеција и други типови проблеми со кожата, косата и скалпот.

Автор: Д-р Анџелка Илиева, дерматовенеролог во клиничката болница „Жан Митрев“



912

X