Дали ви се случило вашето дете да изреагира сосема неочекувано, па дури и безобразно кога му даваат подарок. Еве практични совети за да ги избегнете непријатните ситуации:
Чекање гости и примање подароци
Вашето дете добива подарок од близок пријател или роднина, а неговата прва реакција е: „Ова воопшто не ми се допаѓа“ или „Зошто ми го донесовте ова кога веќе го имам“…
Вакви и слични, слободно можеме да кажеме искрени детски коментари прават родителите да бидат незадоволни. Мајките и татковците се посрамотени и донекаде изненадени од однесувањето на своите инаку мили деца.
Малите деца со својата искреност навистина можат да бидат многу непријатни. На улица често знаат да им упатат коментар на луѓето („Види колкава е, низ врата не може да помине“, „Мамо, види колку е грд оној човек“). Но, културата на однесување не е нешто со што човек се раѓа. Како и за многу други работи во животот, потребни се време и работа за тој труд еден ден да се претвори во манири вредни за восхит. Затоа почнете да работите…
Што можете да направите?
Доколку се ближи роденденот на вашето дете, низ разни тренинзи научете го како културно да изреагира на подароците, без оглед дали ќе му се допаднат или не.
Замислете ја следнава ситуација. Тренингот почнува со прашањето: „Што би рекол кога некој би ти донел подарок каков што веќе имаш, на пр. „Монопол“ или „Како би се однесувал кога би добил подарок што не ти се допаѓа?“
Ако неговите одговори се токму онакви какви што не сакате да слушнете, почнете да го учите. Објаснете му дека не е убаво кога некој на подарок, што е знак на љубов и внимание, ќе изреагира безобразно и неблагодарно. Посочете му каква би сакале да биде неговата реакција.
А ако на роденден каже зборови што не би смеело, немојте дополнително да го срамотите вашето дете, а и себеси, така што ќе го искарате пред сите. Фатете го за рака, извинете им се на гостите и во некој ќош објаснете му каде и зошто погрешило. Советувајте го да ѝ каже нешто убаво на личноста што ја повредило со својата реакција.
Кога одите на гости
Сега журката не е кај вас, туку со детето се наоѓате на забава или, пак, сте во обична посета. Детето стана толку невоспитано, толку неконтролирано, што неговото однесување во одредена мера дури и ве навредува. Секој забрана ја изгубила смислата.
Нова атмосфера, големо друштво и славење кај одредени деца инспирираат да ги заборават манирите. Како сè што било порано научено да паднало во вода.
Причините за тоа може да бидат многубројни. Некогаш детето очекува многу од забавата, па досадната реалност му наметнува потреба дополнително да се забавува. Ако, пак, доживувањата се премногу јаки и се менуваат со голема брзина, детето едноставно почнува да ја губи контролата. Некогаш и уморот може да си го направи своето. И додека децата дивеат, се тепаат со помалите, ги вознемируваат возрасните, ги превртуваат столовите и смислуваат разни палавштини, родителите изнервирани, немоќни и уморни од прекорување со нетрпение го очекуваат крајот на забавата.
Што можете да направите
Затоа, ако знаете дека наскоро ќе бидете во некое големо друштво, пред тој настан применете „превентивна“ програма. Прецизно објаснете му на детето што се очекува таму од него. Опишете му каква ќе биде забавата и какви правила ќе важат. Дури и кога е во прашање најобична посета кај пријател, не е лошо да го запознаете со тоа што смее и што не смее да прави во туѓа куќа.
Ако и покрај подготовката работите тргнат наопаку, потсетувањето на претходниот договор може да даде резултати. Но не опоменувајте го јавно. Фатете го за рака, однесете го во бањата и почнете дискусија. Немојте само да му набројувате што направило погрешно („го удри вчера тоа девојче меѓу столовите…“), туку објаснете му какво би требало да биде неговото однесување. Не е лошо и зовриената енергија на детето да ја смирите со приказна, сок и прегратка.