Родителите денес се збунети од однесувањето на нивните деца бидејќи тоа е нешто што претходните генерации го немаа во своето искуство и сѐ уште се бара најдобар модел за тоа како да се пристапи кон оваа појава и како да се приспособи нивниот пристап и воспитување соодветно – вели Николина Милосавлjeвиќ од Србија, детски психолог, психотерапевт и практичар на игра-терапија.

Таа објаснува дека најголемиот предизвик е да се постигне рамнотежа помеѓу дозволувањето на детето да биде на социјалните мрежи за да не биде изолирано од својата генерација и да се одреди дозата за таа да биде нормална и прифатлива.

Социјалните мрежи станаа дел од нашите животи и не можеме да избегаме од тоа.

– Социјалните мрежи за еден тинејџер се, всушност, игралиште каде што се поврзува и се запознава со други деца. Она што порано за нас беше одење во парк со друштвото, за нив се социјалните мрежи и апликациите за комуникација. Со оглед на тоа што родителите се дружеа „во живо“ како деца, тешко им е да разберат како да се поврзат преку социјалните мрежи и ова може да биде точка на конфликт. Меѓутоа, факт е дека кога детето ќе дојде до одредена возраст, ќе побара да биде дел од тој свет бидејќи неговиот пријател веќе отворил профил и родителите не можат да избегаат од тоа – вели психологот.

Што кога детето ќе каже: Сакам да направам профил на „Тик-ток“?

Николина Милосавлjевиќ вели дека е јасно дека родителите не можат да го контролираат секој чекор на детето, но можат превентивно да реагираат за да ја намалат веројатноста или ризикот да се случи такво нешто.

– Првиот чекор е да се запознаат со трендовите и да ги следат интересите на детето. Со други зборови, да го запознаат своето дете. На пример, ако нивното дете се врати од училиште со приказна за „Тик-ток“ и желба да отвори профил, тие треба да се согласат да го инсталираат „Тик-ток“ заедно на телефонот на родителите и заедно да ја разгледаат апликацијата, заедно да ја истражат и да видат што има. Преку заедничко гледање ќе го запознаете вашето дете и неговите интереси, но исто така ќе добиете можност да го искажете своето мислење на ненаметлив начин и да разговарате со детето за вашите искуства од вашето детство. Со други зборови, ова може да биде добар начин да се поврзете со детето и да го едуцирате за сите опасности на интернет, како да се однесува на интернет, какви слики и видеа да споделува, кои се ризиците и последиците кога на социјалните медиуми споделува видео кое не е соодветно и како да се однесува кога ќе се случи нешто што може да му ја загрози безбедноста – објаснува психологот.

Како што расте влијанието од врсниците, би било корисно да се вклучи детето во групи на врсници и едукација каде што тие зборуваат за интернетот, за опасностите на интернет, но и за добрите страни на интернетот, така што детето ќе слуша од неговите врсници и ќе учи за вистинските вредности.

Што ако мислите дека детето не ги следи правилата што сте ги поставиле?

Ако се случи тоа, Николина вели дека е корисно да размислите како да му пријдете на детето на најмалку заканувачки начин и да разговарате за сето она што се случува. Искрено изразете ја вашата загриженост и побарајте од детето да направи поинаков договор за користење на интернетот, игри или социјални мрежи каде што ќе се задоволат и вашите и неговите потреби. Многу е важно пристапот на родителите да биде без осуда и закани.

– Казнувањето и одземањето на телефонот сигурно не се решение, особено во ситуации кога за детето тоа е средство со кое се поврзува со своите пријатели и преку тоа ја задоволува потребата да се поврзе со другите. Сепак, воспоставувањето правила кога и како да го користите телефонот, заедно со детето, секако е опција – објаснува Милосавлjeвиќ.

Зошто на некои деца им е потребно внимание на социјалните мрежи?

Николина вели дека сите деца имаат таква потреба. Единственото прашање е нивната свесност за тоа каква содржина ќе пласираат на социјалните мрежи и преку тоа ќе ја задоволат нивната желба и потреба.

Како гледањето лоша содржина на социјалните мрежи влијае врз децата?

Психологот вели дека лошите содржини на социјалните мрежи, всушност, можат да бидат одлична можност за едукација.

Ако родителот и детето редовно зборуваат за она што се случува на социјалните мрежи, родителот секогаш може да го искористи тоа за да го праша своето дете што мисли за одредена ситуација.

Улогата на родителите во сето ова е несомнено огромна. Забраната на децата од пристап до социјалните мрежи без јасно објаснување не е решение. Едукацијата – и за родителите и за децата – секако е. И благодарение на интернетот, денес е лесно да се дојде до едукација.

Извор



912

X