Девојките често ја гледаат својата прва менструација како значаен настан во нивните животи. Најчесто се јавува во раната адолесценција (помеѓу 10 и 13 години), а кај најголем број девојчиња околу 12-годишна возраст. Во овој период телото на една млада личност почнува брзо да се менува – се јавува развој на секундарни полови карактеристики (гради, промена на гласот, интензивна хормонална активност). Сите физички промени што се случуваат во адолесценцијата се нарекуваат пубертет.

Првата менструација обично доаѓа околу една година по првите телесни промени, така што тоа би било време да започнете да зборувате за менструацијата со вашата ќерка. Сепак, не е невообичаено менструацијата да се појави ненадејно и нешто порано (околу 9-годишна возраст). Затоа, би било добро да не ја избегнувате оваа тема ниту во тој период. На таа возраст, околу 9-тата година, детето ќе може да ги разбере основните работи, особено ако го приспособите разговорот на нејзиниот речник и не користите претерано професионална терминологија.

Ако детето покаже љубопитност, поставува прашања за што служат средствата за интимна хигиена, зошто телото на возрасна жена или, да речеме, постара сестра се разликува од нејзиното, како се прават бебињата итн., тие не треба да останат без одговор. Во спротивно, се препорачува да не се прават големи, сериозни муабети за пубертетот и менструацијата во кои ќе го „бомбардирате“ детето со премногу информации одеднаш бидејќи тоа може да биде поразително и застрашувачко за него. Подобар избор е разговорите да бидат случајни, ситуациски и да се градат со текот на времето во согласност со возраста на детето.

Ако девојката не е подготвена за овој настан, тоа може да биде многу шокантно и непријатно искуство за неа. Може да доживее интензивен страв бидејќи не знае што се случува со нејзиното тело. Може да доживее срам и непријатност ако менструацијата ја доживее како нешто чудно, ненормално, особено ако добие менструација, на пример, на училиште, на тренинг, на екскурзија, а не е подготвена. Зборувањето за менструацијата не треба да биде табу дури и кога се во прашање момчињата, за да се избегне моментот на задевање на девојките поради оваа сосема природна појава. Таквото непријатно искуство може да се одрази врз целокупната слика за себе и неприфаќање на своето тело. Истото може да се случи и ако во семеен контекст на менструацијата се гледа како на нешто срамно, валкано, нешто за што не се зборува.

Во продолжение прочитајте неколку совети на што да обрнете внимание кога разговарате со вашата ќерка на оваа тема. Иако изгледа дека таа доволно се информирала и веќе е доволно запознаена со сѐ, не избегнувајте го овој разговор. Можеби собрала многу неточни информации од интернет или од нејзините пријатели.

– Прашајте ја дали знае што е пубертет, а потоа надградете ги нејзините одговори.

– Дајте ѝ до знаење дека сте тука за сите прашања што ги има, и дека ако немате одговор, со задоволство ќе истражите и ќе ѝ дадете објаснување.

– За мајките: споделете го со неа вашето искуство на оваа тема, кажете ѝ колку години имавте кога добивте менструација, што знаевте за тоа, колку долго траело, колку е болно, колку време поминало откако станала редовна…

– За татковците: нормализирајте ја оваа тема, водете се од фактите за тоа како функционира женското тело, доколку е потребно, и вие дополнете го вашето знаење.

Ова се фактите со кои е добро детето да се запознае пред да дојде првата менструација:

Што се случува во телото?

Најпрвин, објаснете му на детето дека овие промени се сосема нормална појава и показател за здрав развој, кои настануваат поради хормоналните промени во телото кои се јавуваат додека растеме и созреваме. Хормоните се излачуваат од ендокрините жлезди и тие им помагаат на нашите клетки и органи да комуницираат едни со други. Како што телото се развива и хормоните стануваат поактивни, нашите репродуктивни органи во исто време созреваат, а првата менструација е показател дека можеме да забремениме. Ако детето може да разбере, објаснете го целиот процес, односно сè што се случува во текот на 28-дневниот циклус (исто така, како функционира машкото тело). Можете да го упатите детето на некоја соодветна литература, на пример, учебник по биологија.

Колку долго трае менструацијата?

Менструацијата трае околу 5 дена, понекогаш малку пократко, понекогаш малку подолго. Понекогаш ќе биде пообилно, понекогаш крвавењето ќе биде помало. Најчесто ќе се појави на 25-35 дена, но нормално е да има повремени отстапувања, особено во првите неколку години додека циклусот не е регулиран. Нормално е да се почувствува болка во долниот дел на стомакот, неколку дена пред и во текот на првите денови од менструацијата. Ако болката е силна, во ред е да земете лек за болка. Во ред е и да не се занимавате со физичка активност во тие денови. Други симптоми што може да се појават како резултат на хормонална активност – главоболка, гадење, повраќање, болка во градите, нервоза, раздразливост. Можете да ѝ покажете на вашата ќерка како да инсталира менструален календар на нејзиниот телефон и да има преглед на нејзиниот циклус.

Како се користат влошките/тампоните?

Објаснете ѝ ги двете опции и оставете ја да одлучи што ѝ звучи подобро. Откако ќе забележите дека нејзиното тело почнува да се развива, дозволете ѝ секогаш да носи влошка или тампон со себе, во зависност од тоа што ќе избере. За почеток, секако попрактично би било да се користат влошки.

Разговорот на оваа тема може да биде непријатен за двете страни. Сепак, вашата задача како родител е да се издигнете над вашето чувство на непријатност и да водите разговор со повисока цел, а тоа е вашето дете да биде што е можно подобро информирано (бидејќи незнаењето раѓа страв) и правилно да го запознае и прифати сопственото тело.

Автор: м-р Анѓела Златковиќ/ педагог и советник

Извор



912

X