Детскиот психолог Шеља Сен нуди сосема нов пристап за семејната комуникација барајќи од нас да ги земеме предвид ефектите што нашите зборови ги имаат врз нашите деца – и ни покажува модел со кој ќе можеме да им помогнеме на децата да ги решат нивните проблеми. Шеља е детски психолог и семеен терапевт. Исто така, таа е коосновач на „Сѐ што ти е потребно е љубов: Уметноста во грижливото родителство“ и „Замислете, ниту едно дете не е оставено невидливо“.
Кога станува збор за децата, тинејџерите се оние кои не сакаат воопшто да зборуваат со родителите, додека помалите пак, не прекинуваат да зборуваат. Тогаш, како човек да разговара со нив?

Во говорот Шелја Сен открива каков ефект имаат зборовите врз децата. Во нејзиното 25-годишно искуство, Шелја имала можност да работи и во Индија и во Англија и да запознае две различни култури, илјадници деца и семејства. Освен улогата како психолог, таа има и улога на мајка. Овие две улоги ѝ покажале дека возрасните не ги учат децата, туку децата ги учат возрасните. Децата се оние што ни покажуваат огледало во кое јасно ги гледаме нашите предизвици и грешки. Тие се оние што ни покажуваат како да бидеме подобри, почувствителни и посвесни човечки суштества. Во денешно време нашата способност за комуникација и слушање се губи. Особено со децата.

Шелја советува дека родителите треба да слушаат не со ушите, туку со срцата. Го гледаме начинот на кој нашите деца се однесуваат и веднаш почнуваме да ги критикуваме. Наместо да ги решиме проблемите со однесувањето, ние само ги караме, обвинуваме и понижуваме. Наместо веднаш да ги обвинуваме, потребно е да ги слушаме и да го почувствуваме она што го чувствуваат тие.

– Немојте да им кажувате што да прават. Прашајте ги – вели Шелја.

Кога ќе му поставиме на нашето дете прашање полно со љубов, мир и почит, тоа чувствува дека се обидуваме да го разбереме и дека му веруваме. Со ова се гради неговата самодоверба кон размислувањето и правењето нешто ново.
Улогата на родителот е да го слуша изборот на детето, да разговара со него, да ги цени неговите напори и способности да донесе мали и големи одлуки. Ако уште во текот на детството децата научат како да донесуваат одлуки, тие ќе се здобијат со вештините и самодовербата со која ќе донесуваат правилни одлуки. Конфликтот се случува само кога децата не ги исполнуваат очекувањата што нивните родители ги имале за нив. Или ако родителите не ги исполнат очекувањата на нивните деца. Овие очекувања водат до расправии. Можеме да се ослободиме од ова, прифаќајќи го пристапот: „Ти, јас и ние“. Ти: ти ми кажуваш што мислиш. Јас може да се согласам, а може и да не се согласам, но активно и внимателно те слушам. Јас: откако те ислушав, ти го кажувам моето мислење со кое ти можеби се согласуваш или не. Ние: и двајцата заедно се обидуваме да пронајдеме решение за проблемот. Која и да е возраста, кој и да е проблемот, поголемите проблеми како депресија, анксиозност или дроги или секојдневните борби како домашните задачи, учењето, телевизијата – треба да работиме со нашите деца, а не против нив.

Ние, родителите, имаме многу соништа за нашите деца. „Тој ќе го постигне она што јас не можев“. „Јас го жртвував мојот живот за тебе, сега ти не смееш да ме разочараш“. Овие соништа им тежат на децата бидејќи ние престануваме да ги слушаме и да ги почитуваме нивните чувства. Кога слушаме и разбираме со нашето срце, тогаш можеме да ги прифатиме какви што се, а не какви што ние сакаме да бидат. Силните врски се изградени врз силна комуникација. Само продолжете да зборувате и да слушате со вашето срце.



912

X