Воспитување

Како да препознаете дека детето е подготвено да спие во своја соба

Кога зборуваме за донесувањето одлуки за преселување во сопствен кревет или соба, психологот Сунчана Роквиќ од Хрватска објаснува дека тоа обично се случува кога една од страните – или родителот или детето – ќе го посака тоа и не постои универзално одредена возраст. Ако одлуката ја донеле родителите, полесно е да му се објасни на детето кое наполнило 2 години отколку на мало бебе. На двегодишно дете полесно можете да му ги објасните желбите за одвоеното спиење.
Детето на возраст од околу 4 години би требало да биде подготвено за преселување во сопствена соба. Добро е да се оди чекор по чекор. Ако детето вообичаено спиело со вас во креветот, прво научете го самото да спие во својот кревет, без вас. Можете да му оставите и светло во собата и ходникот, малку да ја отворите вратата и да му кажете дека ќе проверувате на секои 5 минути дали е во ред. Но, ако го кажете тоа, мора да се придржувате. Некои родители одлуката за преселување ја донесуваат и порано, обично кога детето ќе престане да се буди во текот на ноќта.

Не одвојувајте го детето ако не е подготвено – можете да му дадете некое „милениче“, односно кадифена играчка да спие со неа или нешто слично. Ако се работи за помало дете, важно е да не се прави нагла промена и одговарајте на потребите на детето за близина, трпеливо заспивајте го, така испраќате порака дека сè е во ред и дека сте тука ако му затребате.

Ако детето самото изрази желба дека сака да оди во своја соба и свој кревет, тој премин ќе биде речиси безболен.

Но, понекогаш родителите не можат да го дочекаат тој момент и покренуваат иницијатива за одвоено спиење, предупредува психологот Роквиќ.

Со неа се согласува и педагогот Ивана Грабар, која објаснува дека детето е подготвено за сопствена соба кога ќе посака да ја затвори вратата зад себе и да си игра само или со пријателите, заштитено од погледите на другите. Собата е слика за зрелост на детето: дека може да биде само зад затворени врати (и да не се плаши) и да има потреба да игра без некој да го надгледува.

Ако има своја соба, не мора во неа и да спие – Родителите мора да знаат дека тоа не значи оти детето во таа соба треба самостојно да спие. Можеби уште сака да спие во вашата близина, а преку ден би сакало да биде во својата соба. И тоа е во ред – советува педагогот Грабар.

Добро е да се направи и рутина на одење на спиење за детето да се чувствува сигурно и заштитено. Сепак, добро е и на детето да му се дозволи нешто и самото да избере: ако сака пред спиење да слушне приказна или да гледа цртан. Многу е важно и во собата во која спие детето да нема телевизор, бидејќи тоа може да го попречува сонот. Еден час пред одење на спиење би требало да се прекине играта за детето да се смири. Мирното опкружување е важно за мирен сон.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top