Пријателствата на вашиот тинејџер може да бидат комплицирани. Можеби изгледа дека не можат да создадат пријателства – или се дружат со пријатели кои не ги одобрувате. Сигурно веќе знаете дека забраната за дружење нема да функционира. Кога вршите притисок, тие повеќе тераат инает. Па, што можете да сторите кога вашиот тинејџер не може да создаде пријателства или создава сомнителни пријателства?
Одговорот е – соработка.
Кога се работи за тинејџерско пријателство, врсниците се најголемиот влијателен фактор. Вашиот тинејџер може или да не создаде пријатели или да го менува однесувањето и да носи лоши одлуки само за да се вклопи во одредена група. Има многу типови пријатели, но никој не се сомнева дека пријателот кој стои зад вас е всушност далеку поголем адут од оној кој е сомнителен. Што може да биде понепријатно од гледање отстрана како вашиот тинејџер се спријателува со врсници кои не го третираат добро? Да, ова е реторичко прашање бидејќи е на врвот на листата со тешки моменти за родителите. Дали треба да го забраните пријателството? Нема сомневање дека би скокнале пред воз за да ги заштитите своите деца, но зошто суптилниот пристап е потежок? Тоа е така затоа што се потребни трпение, размислување и гледање надвор од границите. Забраната нема да му помогне на тинејџерот да сфати што е добро пријателство, ниту ќе му донесе радост. Треба да се креира неосудувачки дијалог.
Како што рекла Маја Анџелоу: „Научив дека луѓето ќе заборават што сте рекле, ќе заборават што сте направиле, но никогаш нема да заборават како се чувствувале поради вас“.
Со разговорот со вашиот тинејџер, без осуда или рестрикции, ги зголемувате шансите да ви се обрати кога ќе има проблеми. Ова се 5 начини на кои може да изградите доверба кај детето:
- Слушајте. Слушајте. Повторете.
Ова е потешко отколку што звучи, но дајте сè од себе да не осудувате и веднаш да ги споделувате вашите мисли. Тинејџерот ќе се отвори повеќе ако чувствува дека го слушате. Креирајте атмосфера во која ќе се чувствува безбедно да зборува.
- Поставувајте отворени прашања
Навистина разберете го тинејџерот и овозможете му да си ги разбере и сопствените мисли – тоа е најдобриот подарок кој можете да му го дадете на детето, а и себеси. Поставувајте прашања како: „Што во врска со овие нови пријатели ти се допаѓа?“, „Што имаш заедничко со нив?“, „Како гледаш на нивниот третман кон тебе?“, „Како изгледа едно пријателство во кое се ужива?“, „Каква личност сакаш да бидеш?“, „Можеш ли да бидеш таа личност со овие пријатели?“
- Разберете ја перспективата на тинејџерот
Тинејџерите мислат дека никој не ги разбира – ниту родителите, ниту браќата и сестрите, ниту наставниците. Единствените што ги разбираат се нивните пријатели. Колку повеќе се ставате на нивно место и слушате, толку повеќе може да работите заедно за да им излезете во пресрет на нивните потреби.
- Одразување, појаснување и љубопитство
Парафразирајте го она што го вели вашиот тинејџер и повторете му го. Кога го правите тоа, покажувате емпатија, па и двајцата можете да ја појасните неговата загриженост. Бидете љубопитни и поставувајте прашања без осуда.

- Не наметнувајте ги вашите вредности
Не претпоставувајте дека ги разбирате причините зошто вашиот тинејџер ги избрал тие пријатели. Имајте на ум додека разговарате за важноста на пријателството. Целта е детето да зборува и да му покажете дека имате доверба во него. Бидете сигурни дека комуникацијата што ја водите е отворена. Немојте да го демнете, да ги истражувате пријателите на детето прашувајќи ги тренерите, наставниците, врсниците итн. Може погрешно да ги интерпретирате нивните карактери базирано на сопствените предрасуди.
Ако има пријатели од минатото кои и вие и вашето дете ги сметате за добри пријатели, обидете се повторно да воспоставите интеракција со нив. Дајте им место на кое ќе се чувствуваат добро за себе, вклучително и активност за која се заинтересирани како можност за следење на нивните пасии и развој на силно чувство за себе. Вашиот тинејџер може да ги избере погрешните пријатели од многу причини, но најважната работа е да се одржува комуникацијата.
Автор: Каролин Мекгвајер