Ненадејна, акутна болка во стомакот на трудниците, според заклучокот на новото истражување, укажува на хируршка интервенција за која не е доволен ултразвучен преглед. Експертите наведуваат дека кај трудници со болки во стомакот треба да се прескокне ултразвукот и пациентката да се прегледа со помош на магнетна резонанса.

Ненадејната абдоминална болка е честа појава за време на бременоста, но не и причините што ја предизвикуваат

Една нова студија, објавена во „General Surgery News“, на овој начин покажува дека снимањето со ултразвук има многу мало значење во овој случај, односно кај популацијата на овие пациенти.

Иако болките во стомакот во текот на бременоста се вообичаени, хируршките причини за овој тип болка не се вообичаени, нагласува д-р Алекса Маркез од болницата „Ascension Genesys“ во Мичиген, САД. Одредени физиолошки промени што се случуваат во бременоста, како што наведува таа, како што се зголемена почетна срцева фреквенција, хиперемеза, леукоцитоза… може да ги прикријат овие клинички сценарија, па лекарите се потпираат на добиените снимки, покрај историјата на пациентката и физичкиот преглед, за да се дијагностицира патологија како што е акутен апендицитис (воспалено слепо црево), за која би била потребна операција.

За време на бременоста, матката придвижува многу витални органи

За да се оцени ефикасноста на ултразвукот и магнетната резонанса кај оваа популација пациенти, д-р Алекса Маркез и нејзините колеги спровеле ретроспективна анализа на бремени жени кои се јавувале на одделот за итни случаи или породилна тријажа во нивната институција, со акутна абдоминална болка помеѓу 2015 и 2020 година.

Од 136 пациенти за кои се сметало дека имаат акутна абдоминална болка, 57 имале позитивен или физички преглед, 55 имале бениген преглед, а 24 имале неутврдена причина за прегледот. Од овие 136 пациенти, 81 (со позитивни или неубедливи наоди) биле подложени на ултразвук, со 16 абнормални и 56 бенигни или негативни резултати. Од 81 пациент што направиле ултразвук, 61 отишле на магнетна резонанса, а 36 биле негативни. Три пациентки се оперирани од акутен апендицитис, дијагноза која била потврдена со патологија.

„Важно е да се знае дека за време на бременоста матката придвижува многу витални органи, вклучувајќи го и слепото црево. Многу од овие прегледи наведуваат дека слепото црево не е визуализирано и дека пациентките се класифицирани како да имаат негативен ултразвук, така што тоа е нешто што треба да се има на ум. Сите овие пациенти имале негативен ултразвук, но биле подложени и на магнетна резонанса поради акутен апендицитис“, објаснува д-р Маркез.

Времето е од суштинско значење кога ќе се јави ненадејна абдоминална болка

Во споредба со магнетната резонанса, ултразвукот имал чувствителност од 32 проценти, специфичност од 79 проценти, позитивна предвидлива вредност од 50 проценти и негативна предвидлива вредност од 62 проценти.

Дополнително, дијагностичката точност на ултразвукот кај овие пациенти била 59 проценти, што во суштина е неодредено до ниско ниво и не може веродостојно да исклучи или да утврди некоја состојба – нагласува д-р Маркез, која смета дека ова истражување е многу клинички применливо и релевантно за бремените жени.

„Ако имате трудница чие слепо црево е на работ да пукне, времето е од суштинско значење. Во нашата установа, кога ќе закажете ултразвук, тоа може да потрае и еден час, потоа уште еден час за да биде готова снимката од ултразвукот, а потоа можеби уште еден час за докторот да направи план за понатамошен третман“ го опишува процесот д-р Маркез.

Врз основа на наодите од нивната студија, д-р Маркез и нејзините колеги сугерираат дека бремените жени со акутна абдоминална болка, чии наоди од физичкиот преглед укажуваат на хируршка патологија, треба веднаш да преминат директно на магнетна резонанса наместо на ултразвук бидејќи во овој случај таквиот преглед има мала дијагностичка вредност. Со оглед на малиот примерок на пациентки кој е земен предвид, колегите на д-р Алекса Маркез сè уште апелираат да не се прескокнува ултразвукот бидејќи „во искусни раце, тој може да биде многу корисен“.

Извор



912

X