Верувале или не, проблемот „лоши девојчиња“ е реалност во многу училишта. Борбата за доминација и превласт во училишниот двор започнува многу рано. Некои учители велат дека е видлива уште во прво, второ одделение. Родителите се вчудовидени кога ќе станат свесни што се случува во училиштето на нивното девојче, а нему тоа може да му биде голем проблем бидејќи таквите размислувања не му се ни блиски ни познати. Се поставува прашањето како да го предупредите и подготвите детето за такво училишно сценарио?

За да се вклопат во друштвото, девојчињата си дозволуваат вербално да повредат други девојчиња. Доколку вашата ќерка е на другата страна, односно – таа е жртвата, научете ја навреме како да се штити себеси, а и своите другарки. Објаснете ѝ ја важноста на љубезноста и тимските игри каде што никој не се исклучува бидејќи само од разновидноста на друштвото ќе успее да научи нови работи и да стекне нови искуства.
Драмата се зголемува со преминувањето во повисоко одделение. Доколку забележите дека таква драма постои во животот на вашето девојче или само сакате да го подготвите за она што може да се случи, ви предлагаме неколку ефикасни совети кои даваат одговори на прашањата „како“ и „зошто“.

Слушајте и прашувајте

Да се дојде до точката децата да ви се доверат и искрено да ги споделат случувањата на училиште, навистина е предизвикувачки, но не и невозможно. Како родител, мора да се опремите со трпение и трпение… Бидете подготвени да слушате, оставете го телефонот настрана и фокусирајте се единствено на детето. Дури кога тоа ќе заврши со приказната, поставете прашања од отворен тип. Така ќе дознаете како се чувствува вашето девојче, како му е на училиште и како тие случувања влијаат врз него.

Емпатијата е клучот

На вашето девојче јасно ставете му на знаење дека го слушате и дека ги разбирате неговите емоции така што ќе му речете: „Тоа сигурно ти ги повредило емоциите“ или „Можам да замислам колку си била тажна“. Разговарајте за можните причини зошто децата се однесуваат сурово кон други деца. Кажете му дека можеби некои деца се однесуваат така од страв дека никој не сака да се дружи со нив или мислат дека само со „шефување“ можат да ги задржат другите околу себе.

Погрижете се вашето дете да знае дека тоа самото никогаш не е проблем и дека може да се издигне над таквите драми.

Заедно осмислете го решението

Запомнете: кога ќе се појават драми, не е ваше да ги решавате. За жал, децата мора да ги почувствуваат на своја кожа за да научат како да се борат во слични ситуации. Имајте предвид дека вашето претерано ангажирање може да биде само мечкина услуга. Наместо тоа, заедно со детето смислете решение, обидете се да бидете само патоказ кој ќе го наведе детето само да дојде до најдоброто можно решение.
Обидете се да инсценирате одредено случување, при што детето ќе може да ја извежба реакцијата и да се одбрани од лошите девојчиња.

Не форсирајте го детето да ги промени пријателите

…и, исто така, не форсирајте го да остане во истото друштво ако тоа опкружување не му одговара. Основното и средното училиште се периоди од животот кога пријателите доаѓаат и си одат, друштвата се менуваат, сѐ додека децата не научат кои темпераменти им одговараат, што им се допаѓа, а што не, дали интересите им се совпаѓаат или не.
Разговарајте со детето на тема како се станува добар пријател и како се однесува добриот пријател, зошто е важно да се опкружат со пријатели кои бодрат и кои имаат добро влијание.

На девојчето влејте му нескршлива самодоверба

Луѓето можат да ги повредат другите онолку колку што тие ќе им дозволат, а дозволата зависи од самодовербата. Високото ниво на самодоверба е штит од сите „болни удари“.
И друштвото околу нас влијае врз самодовербата, па затоа научете го детето да ги држи околу себе позитивните луѓе што нема да го повредат, туку ќе му даваат ветер во грбот.

НУЛА толеранција за насилство

Без оглед дали вашето дете е предмет на насилство или се сомневате дека тоа е насилник, време е да ја отворите таа тема, јасно и гласно. За помош обратете се кај учителот на детето или кај училишниот психолог.
Помогнете му на детето да ја разбере и сфати сериозноста на ситуацијата. Укажете му, доследно и сериозно, дека никој во вашето семејство, па ни вие, не толерира насилство, па и тоа не треба да го толерира.



912

X