Кон крајот на мојата бременост седнав да јадам суши со пријателка. Келнерката, која беше тинејџерка, ми ја донесе храната и со осудувачки тон ми рече: „Дали навистина треба да јадете овде?“, праша таа, а мене стомакот ми се превртуваше. Посакував да кажев: „Дали навистина треба да давате непобаран совет на тема за која очигледно знаете многу малку?“ Наместо тоа, ѝ се заблагодарив и го игнорирав инцидентот кој е меѓу многуте коментари што ги добивам во последните 9 месеци. Всушност, бремените жени слушаат секакви навредувачки и смешни забелешки на кои може да биде тешко да се одговори. Ова се неколку од нив и како да се справите:
„Лелее, погледни се! Огромна си!“
Има низа варијации на оваа забелешка – непобараните коментари на вашето „поголемо од кога и да е“ тело се многу чести, толку многу што Ејми Морисон направила листа со паметни одговори од страна на трудниците. Па така на реченицата „Огромна си!“, може да возвратите со „Леле, исто и ти!“ Ако таквиот сарказам не е дел од вашиот карактер, тогаш можете да одговорите нешто од типот: „Знам, исто како да ми расте цело бебе во стомакот.“
„Ова веројатно нема да ти се случи тебе, но еве ја мојата трауматична приказна за породувањето“
Комичарката Кејт Дејвис се сеќава на нејзината бременост кога со неа споделувале несакани приказни за породување – сите кошмари, се разбира. „Една личност ми кажа дека се породувала 62 часа, што резултирало со итен царски рез, а потребни ѝ биле 8 недели да заздрави.“ Таа сакала да вресне: „Задржи ја приказната за себе!“, но едноставно се смрзнала. Најдобриот план е да се понуди малку емпатија и да се продолжи со друга тема во разговорот.
„Дали тоа што го правиш е безбедно?“
Не прашувајте ја Еванка Осмак, коосновач на популарниот поткаст „Мајките во средина“ и новинарка од „Спортснет“, дали е во ред што вежба додека е бремена. Еден непознат човек во вежбалницата направил грешка кога ѝ пришол и ја прашал: „Дали би требало да креваш тегови?“ Таа љубезно објаснила дека докторот ѝ дал зелено светло. За мајките кои се некаде во средината, може да се обидете со пасивно-агресивен пристап: „Знаеш што, треба да кревам! Но ти благодарам многу за твојата грижа.“
„Кутрата ти, изгледаш апсолутно исцрпено“
Тоа може да е вистина бидејќи се случува трудничка несоница кај бремените жени, а и мокрењето на секои 90 минути во текот на вечерта го исцрпува телото. „Често ми велеа дека изгледам изморено“, се сеќава авторката Сара Сахагијан. Нејзиниот одговор? „Сигурна сум дека ќе бидам поизморена кога ќе дојде бебето, па сега уживам во овој период колку што можам.“ Многумина од нас имаат темни кругови под очите и да, доаѓањето на бебето може да ја влоши таа состојба, но уште полошо е некој да ве натера да се чувствувате како да изгледате ужасно. Можете да се „одмаздите“ за тоа, па да признаете дека сте изморени и да побарате од соговорникот да ви направи некоја услуга.

„Обиди се да уживаш, бременоста е лесниот дел!“
Новороденчињата се многу тешки за справување и ќе ве исцрпат, вистина е. За некои жени, пак, меѓу кои и актерката Џесалин Ванлим, бременоста е исклучително тешка. Како и стресна, со оглед на тоа дека многу жени имаат историја на повеќе спонтани абортуси. Како одговор на таков коментар, можеби е добро да се каже: „Ако ова е лесниот дел, се откажувам!“
Ставете беџ
Не сакате да се мачите да одговарате на коментарите? Купете неколку интересни и храбри беџови и закачете ги на вашата чанта или јакна. Нека пишува на нив реченици како: „Нема матка, нема мислење“, или „Да, уште сум бремена“.
Автор: Роузмери Каунтер