Тој има три години и од неговото „мамо, многу те сакам“ ти се топи срцето и ти се поматува умот. Единствено што сакаш е да го нурнеш носот во меките обравчиња и да го впиеш мирисот на кожата на твоето момче. Секако дека треба да уживаш во своето дете, но треба и да сфатиш дека твојата улога во неговиот живот е многу посложена од покажување нежност.
Роди син, направи од него вистински маж. Јас сум мајка, но пред сè, сум жена. Прва жена во неговиот живот. Како ќе се однесува кон мене, така ќе се однесува кон сите жени понатаму во животот. Секогаш го имам тоа на ум. Особено сега додека е мал. Сега стекнува навики, сега гради односи, сега се поставуваат темелите на вредностите. А кога ќе порасне, ќе биде полесно, повторувањето е мајка на знаењето.

Сакам мојот син да стане вистински маж. Самостоен. Затоа нема да потрчам по сок штом ќе побара. Стани, остави ја играта и земи си сам. Мажот мора да биде самостоен. Внимателен. Затоа нема да му дозволам да јаде од мојата чинија. Затоа што и јас сум гладна, а тој веќе има своја чинија.

Мажот мора да знае дека неговите потреби не се приоритетни и дека мора да води сметка за интересите на другите луѓе. Грижлив. Затоа нема да му го дадам последното парче чоколадо, зашто постоиме и јас и сестра му. Нека е и само 10 мм, но чоколадото мора да го пробаат сите.

Мажот мора да се грижи за блиските. Да биде некој што ги завршува работите. Затоа нема да ги собирам играчките по него, дури и ако ми приреди претстава со солзи и демонстрирање тага. Никаде на брзам, ќе почекам.

Мажот мора секоја работа да ја доврши докрај. Нема да му купам голема бонбона во продавница ако викајќи добил сожалување од публиката околу себе. Бонбоната е награда. Мажот мора да знае дека не се добива награда за непримерно однесување.
Ќе ја сослушам неговата огорченост и ќе му ја објаснам суштината на тоа што се случило, ако, да речеме, му ја зел играчката на друго дете и поради тоа бил искаран. Не треба да плаче и да се жали. Мора да знае дека сè има последици.

Мажот мора да биде одговорен. Силен. Ќе го научам дека мора да се менува и да се договара. Дури и тогаш може да се случи сè да тргне наопаку.
Мора да биде спремен на порази. Мажот станува силен така што ги пребродува поразите.
Решителен. Јас ќе му кажам: „Качи се на ритчето“, дури и ако тоа е високо, а тој е уште мал за тоа. Ќе стојам долу и ќе внимавам на него. Мажот мора да биде решителен и да ги освојува највисоките врвови.
Ќе му викнам и ќе се налутам ако не ги почитува моите граници. Треба да ме слуша и да научи дека и јас имам своја територија. Мажот мора да сфати дека постои простор на другиот човек и дека тој простор е неотуѓив.
Ако падне и се удри, ќе го прегрнам и ќе го бакнам. Зашто, не е срамота да плачеш кога нешто те боли. Мажот мора да знае да ги покаже емоциите. Јас ќе го лекувам, учам, со моја помош ќе се развива, ќе му помагам, ќе го слушам, ќе се грижам за него, ќе му дадам топлина и нежност… Мора да научи дека близок значи кога е блиску.

Мажот мора да знае да сака. За него ќе направам сè. Сè што може да се направи. Но никогаш нема да заборавам на себе: сакам да знае дека никој не е должен да му го посвети својот живот. И баш затоа што го сакам, мојот син ќе стане маж. Во светот нека има барем уште еден маж!
Л.А.



912

X