Девојчињата и момчињата на предучилишна возраст почнуваат да забележуваат дека физички се разликуваат едни од други. Тие, исто така, почнуваат да забележуваат дека не сите во градинка имаат иста градба и висина.
Како што растат, а особено во тинејџерските години, сликата за сопственото тело е под екстремно влијание на нивните врсници и околината.
Затоа треба што порано да почнеме да зборуваме за човечкото тело. Така, детето ќе расте опкружено со позитивни слики во својот дом, а тоа ќе се одрази врз тоа како се однесува кон себе и кон целото општество.
Еве како да почнете.
Свртете го вниманието кон квалитетите и трудот
Ако внимавате како разговарате со децата и како другите луѓе разговараат со вашите деца, брзо ќе забележите дека детскиот изглед е многу честа тема. На девојчињата често им кажуваме дека се убави, слатки, дека имаат убав фустан и слично.
Но, што ако наместо тоа кажеме колку се креативни, интелигентни или ги пофалиме нивниот труд и посветеност, нивниот успех на училиште или во некоја воннаставна активност.
Исто така, ако некое дете, особено девојче, ве праша како изгледа, одговорете и со контрапрашање: Како се чувствуваш во таа облека? Дали ти е удобно? Дали ти се допаѓаат боите? Што мислиш, како изгледаш?
Резултатот ќе ве изненади со текот на времето.
Обрнете внимание на тоа како зборувате за себе
Децата се мали сунѓерчиња кои го апсорбираат светот околу себе и се однесуваат онака како што се однесуваат луѓето околу нив. Ова се нарекува учење според модел.
Така, детето ќе научи за своето тело онака како што слуша од другите. Ако кажеме дека изгледаме дебело, ако не сакаме да нè фотографираат „додека не изгубиме некој килограм“, ако ни е непријатно пред сопствениот одраз во огледалото, детето сето тоа ќе го собере.
Секако, доколку претходно го имавме овој став за себе, мајчинството нема магично да го промени. Но, важно е барем да се обидеме да бидеме неутрални.
Зборувајте за тоа што може телото да направи, а не како изгледа
Ако редовно вежбате или сте го запишале вашето дете на некоја спортска активност, или само планирате да го правите тоа, ова е одлична можност да им (по)кажете на вашите деца што може да направи нивното тело. Кажете им како благодарение на своето тело можат да трчаат, да се гушкаат, да цртаат.
Исто така, посегнете по книги кои ги објаснуваат различните делови на човечкото тело, односно анатомијата. Објаснете им како работи желудникот, за што служат очите, како дишеме, како функционира нашето срце…
Љубовта кон сопственото тело се развива уште од мали нозе.

Помогнете му на детето да зборува за телото
Можеби сте имале ситуација кога вашето дете прашало зошто некоја жена е дебела, а вие сте се усрамиле. Но, ваквите ситуации се одлична можност за учење. Можете да кажете некои од овие реченици: „Зарем не е одлично што живееме во свет со сите овие различни луѓе?“, „Секој е изграден различно, тоа е она што нѐ прави единствени. Ќе беше досадно да бевме сите исти“ или „Здравите тела доаѓаат во сите облици и големини“.
Подоцна можете да го прашате вашето дете зошто забележало одредено тело и да разговарате за тоа како општеството гледа на различни тела.
Научете го вашето дете критички да размислува
И покрај многуте написи и напори, не можеме да избегаме од фактот дека живееме во свет кој често ги перципира луѓето врз основа на тежината. Не можеме да се преправаме дека стигмата за тежината не постои.
Во зависност од возраста, започнете со основните информации за телото, а потоа, како што детето расте, појаснете дека фотографиите на социјалните мрежи речиси секогаш се уредуваат за да изгледаат на одреден начин.
Особено со девојчињата, разговарајте за објективизацијата на женските тела и покажете им ги оние песни и текстови што позитивно гледаат на љубовта кон себе.