Правењето пињата воопшто не е тешко. Пред десетина години почнав да ги правам за детските родендени на моите деца и децата на пријателите и можам со сигурност да кажам дека ниту еден подарок не може да се спореди со среќата и насмевките што ги предизвикува пињата во облик на омилен цртан лик исполнета со бонбони.

Исчекувањето на полнетиот дел од пињатата е секако најинтересниот дел. Сета таа колоритност, бонбони со конфети и напнатост ја засилуваат желбата и придонесуваат за подобро расположение и кај децата и кај возрасните.

Пињатата е мексиканска игра, а познатиот Марко Поло ја донел во Европа. Како задолжителен дел од забавата на мексиканските фиести, пињатата стана дел од традицијата и ритуалите, а многу често е дел и од прославите меѓу децата во светот.

Најчесто се игра на детски родендени, каде што славеникот ја има честа да ја удира пињатата, но и на возрасните им е големо задоволство да ја имаат на нивните прослави. Кај нас сите деца добиваат можност да удираат во пињатата, бидејќи на тој начин секој добива можност да учествува.

Еве детална процедура за правење пињата:

Надујте балон и подгответе кружен сад кој ќе биде држач за вашата пињата.

Исечете весник на ленти (4х10 сантиметри и 6х25 сантиметри) и направете мешавина од брашно и вода или користете готово лепило. Доколку подготвувате смеса со брашно, треба да е погуста од смесата за палачинки.

Се обидов да користам и мешавина од брашно без глутен за деца кои не смеат да јадат глутен, имаат алергија на пченица или целијачна болест, и успеа. Единствената разлика, на мое големо изненадување, е што смесата од пченично брашно полесно се одвојува од балонот кога пињатата е готова, додека смесата без глутен многу подобро се лепи за самиот балон и многу потешко се одвојува.

Подгответе послужавник или поголем весник затоа што работната површина ќе се извалка.

Намачкајте ја смесата (или лепилото) на весникот и залепете го за балонот.

Премачкајте го целиот балон освен делот каде што е врзан. Дупката околу јазолот се користи за вметнување бонбони.

Кога ќе го премачкате балонот со слој весник, почекајте да се исуши целосно (понекогаш е потребен цел ден) и повторете ја постапката. Два слоја весник се минимум, но ако сакате навистина цврста пињата која едвај ќе се скрши, тогаш повторете ја постапката уште еднаш.

Потоа направете две дупки за да го ставите јажето или лента на која ќе виси пињатата и подгответе бела хартија. Дополнителен слој бела хартија се користи за зајакнување на пињатата.

Кога станува збор за завршниот слој, се користи креп-хартија во саканите бои, која подоцна се украсува со очи, нос, уста, коса и други детали неопходни за градење на ликот. Можете да ја исечете на ленти, како што се прави со класичните пињати, или да работите на полесен начин со лепење на целата лента на бела површина.

Подгответе ги пакетчињата со бонбони. Поделете ги бонбоните и наредете ги во најлончиња. Кога ќе ја наполните, пињатата треба да ја затворите со весник и бела хартија, на ист начин како претходно.

Автор/Извор: Mamaidete.blogspot



912

X