Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист

Нутрико диет клуб
магистранд на Диететика
е-пошта: nutrikodietklub@gmail.com
веб: www.mojnutricionist.mk

Повеќе од авторот

Сведоци сме на сè поголем број деца со прекумерна телесна тежина. На сите ни се познати причините за таквата појава, како и последиците од прекумерната телесна тежина врз физичкото и психичко здравје на децата.

Но, како едно дете да ја намали тежината? Што треба да направат родителите, како да постапат за да не дојде до одбивност кон здравата храна или, пак, до намалување на самодовербата кај детето?

Како да му речете НЕ на дете кое моли за чоколада, бонбони, газиран сок, хамбургер…?

Промената во исхраната кај децата мора да биде постепена и незабележлива. На детето никогаш не треба да му велиме дека е дебело и не треба да го заплашуваме со доктори, полицајци и сл. Најдобро е да се проба со следниве неколку чекори:

1. Избегнувајте места каде што има брза храна и слатки

Наместо во трговски центри или места каде што има богата понуда на брза храна, крофни, чоколадни пуканки, шеќерна волна и сл., почесто практикувајте да го носите детето во парк или во природа, а со себе понесете овошје, интегрални крекери, варена или печена пченка или јаткасти плодови.

2. Замена на намирниците

Кога пазарите, советувам да не купувате чоколади, колачи и други слатки производи. Најдобро е да ги немате дома или да ги чувате скриени, така што децата нема да ги гледаат и нема да им бидат на дофат.

Наместо производи полни со шеќер, купете суво овошје, кое може да биде и чоколадирано, како преодна намирница. Може да купите и темна чоколада со брусница, јаболко и портокал, или некоја помалку засладена тортичка.

За грицкање купете пуканки за домашна подготовка, интегрални крекери или стапчиња, и јаткасти плодови: индиски оревчиња, бадеми, ореви и др.

Наместо газирани и кашести сокови, понудете домашно подготвена вода со вкус на лимон, лубеница или друго овошје. Бидете креативни и направете им на децата овошни коктели, така што ќе изблендирате различни видови овошје.

Повеќе предлози за детски напивки може да најдете овде:

Здрави напивки за деца

3. Помали порции во помали чинии

За вашето дете набавете посебна чинија со која полесно ќе му ја дозирате количината на храна. Треба да биде помала од вообичаените чинии за возрасни, а може да има и некој интересен дезен. На тој начин ќе можете да му сервирате и помала количина храна, а сепак чинијата да изгледа полна, така што детето нема да има чувство дека јаде помалку.

4. Модерно е да се храниш здраво

Ова е психолошкиот момент, каде што треба да му всадиме на нашето дете нови уверувања, или да му ги смениме досегашните.
Имено, често среќавам деца, претежно тинејџери, кои мислат дека ќе бидат попопуларни во друштвото доколку имаат нездрави навики како: јадење доцна навечер или јадење брза храна, презирање на здравата храна и физичката активност.

За да се промени ова, многу е важно како размислуваат родителите, а уште поважно е што прават. Сетете се, децата се огледало на родителите.

Доколку родителите се хранат здраво и имаат навика да спортуваат, истото ќе го прават и децата.
Покажувајте им фотографии од фитнес-тренери, фотографии од здрави рецепти, видеа со вежби, популарни личности што се грижат за своето тело и здравје… едноставно покажете им дека е модерно да се храниш здраво!



912

X