Помогнете му на вашето дете да сфати дека може да биде атрактивно и здраво без „совршено“ тело

Мисли ли вашата ќерка дека е дебела? Дали вашиот син е загрижен што нема доволно мускули? Лошата слика за своето тело е една од дефинирачките карактеристики кај нарушувањето во исхраната. Исто така, често придонесува децата со прекумерна тежина да се соочуваат со емоционални и социјални проблеми. Кога детето не си го сака своето тело, последиците од тоа можат да бидат нездрава исхрана, прејадување и повраќање, зголемување на телесната тежина, повлекување од другите деца и од активности…

Сликата за телото игра голема игра врз самопочитта, особено во детството

Ако сте родители што се загрижени за детето кое качува телесна тежина, како да го стимулирате да изгуби тежина, а да не се чувствува лошо за сопственото тело?
Ставањето на диета и коментирањето за неговата тежина дури и на хумористичен начин ретко помагаат. Наместо да дискутирате за тежината, поттикнете здрава исхрана и некоја пријатна физичка активност.
Една од најкорисните работи што може да ја направите е да се преиспитате себеси, како вие се чувствувате кога станува збор за вашето тело. Ако и вие сте незадоволни и мислите дека имате прекумерна тежина или едноставно не сакате некој дел од своето тело, внимавајте да не моделирате незадоволство.

Девојчињата не треба да ја слушаат својата мајка како прашува дали стомакот ѝ е преголем. Ако се чувствувате лошо во своето тело и ако го кажувате тоа, нема да му помогнете на вашето дете. Наместо тоа, можете да изразите гордост кога ќе направите позитивна промена. Вашето дете нека ве слушне како се фалите поради здравиот начин на исхрана или поради некоја физичка активност.

Промените на телото не се лоша работа

Ако вашата ќерка порано созрева и се ближи кон пубертетот пред нејзините пријатели, може да се чувствува дека нејзиниот заоблен изглед се должи на вишокот килограми. Сепак, треба да ѝ помогнете да сфати дека промените во нејзиното тело се знак дека таа станува жена, а не дека е дебела.
Исто така, ако вашето дете е вознемирено поради одреден дел од телото, објаснете му дека обликот на телото во голема мера е наследен и дека губењето на тежината може да има минимален ефект врз големината на задникот или на бутовите.
Помогнете му на вашето дете да сфати дека може да биде атрактивно и здраво без „совршено“ тело. Укажете му на некои атрактивни атрибути што ги има за да го намалите незадоволството за останатите делови на телото. Спомнете му за некои пријатели или возрасни лица во семејството што имаат слична фигура и се сакани. Генетиката може да ограничи колку можеме да го менуваме нашето тело, но не го одредува начинот на кој размислуваме за него.



912

X