Да ги разбереме децата не е баш толку едноставно како што мислат луѓето. Децата не знаат како да се изразат себеси во поголем дел од времето. Потребно е многу трпение за справување со нив, а некои деца дури и се фрустрираат кога не си ги разбираат сопствените емоции. Секое дете се однесува различно во согласно со своето потекло и обрасци на однесување. Децата што покажале агресија од рана возраст треба да се третираат со трпение и да бидат насочувани. Ова се неколку совети како да се справите со дете кое има импулси да удира.

Разберете го коренот на проблемот

Кога започнало таквото однесување, дали отсекогаш така се однесувало? Децата удираат од различни причини. Тоа може да биде резултат на фрустрација или лутина. Стресните и страшните ситуации може исто така да предизвикаат изливи на бес кај децата. Бавниот развој на говорот или несоодветното зборување исто така може да ги фрустрира децата. Кога не знаат да се изразат, се вртат кон агресија. Недостигот од водење од возрасните и надгледување може да доведе до такви ситуации – недостиг на соодветни рутини, исцрпеност и преголема стимулација се исто така причини за такво однесување. Често децата го пресликуваат однесувањето на возрасните, а некогаш тоа го прават и како одбрана од другите деца кои ги провоцирале. За да знаете како да се справите, осигурете се дека го разбирате начинот на кој се однесува.

Како да се справите со дете што удира

Дете што удира еднаш и не го повторува тоа – не е проблематично. Но, ако детето постојано ги удира другите, тогаш имате проблем. Кога ќе сфатите кој е проблемот, веднаш интервенирајте. Избегнувајте да му давате премногу внимание кога ги удира другите. Зборувањето за проблемот со него нема да помогне бидејќи импулсивното дете не слуша долги објаснувања. Дајте му повеќе внимание на детето кое е удрено – утешете ја жртвата и игнорирајте го агресорот. Викањето на агресорот додека ја утешувате жртвата може да се претвори во негативно зајакнување на лошото однесување. Почекајте додека ситуацијата се смири за да разговарате со агресорот.

Самоконтрола кога го коригирате детето

Некогаш децата знаат да го тестираат вашето трпение и вие посакувате да им викнете. Сепак, повеќе функционира нежно зборување отколку викање. Информирајте го детето за последиците од однесувањето со соодветен тон. Не давајте му многу публика на детето кое константно се однесува така. Повеќето деца ќе го сопрат изливот на бес кога нема други луѓе што сведочат.

Научете ги децата дека агресијата е лоша работа

Децата го имитираат она што го гледаат околу себе. Можеби детето е агресивно зашто други лица во семејството се однесуваат така. Ниту едно дете не заслужува да биде околу агресивна возрасна личност. Ако сте вие агресивни, обидете се да се контролирате кога сте меѓу деца. Родителите треба да ги научат децата дека секој вид агресивност е погрешна. Со решителен глас кажете им на децата дека не треба да гризат и да удираат, а на постарите деца објаснете им дека удирањето ги повредува другите и дека тоа има последици. Избегнувајте да ги изложувате децата на агресивна содржина од медиумите и видеоигрите.

Научете ги да користат зборови за да се изразат себеси

Комуникациските вештини се важни за децата. Учете ги да користат зборови за да комуницираат. Учете ги да бидат трпеливи. Не треба секогаш да се позиционираат себеси над своите врсници. Себичноста предизвикува агресија кога децата не ги добиваат работите на свој начин, па научете ги да делат играчки, да ги слушаат другите и дајте им шанса некогаш да бидат први.

Нека ги разберат последиците

Ако детето е сериски агресор, родителот треба да го отстрани од ситуации кои ги изложуваат другите на ризик. Објаснете му на детето зошто повеќе не е добредојдено во групата за играње. Ако на вашето дете му е цел некое одредено дете, одложете ја интеракцијата додека агресијата на престане. Одземете му некои привилегии и дајте му насоки за корекција на однесувањето. Ценете го неговиот труд за подобрување и охрабрете го да продолжи по тој пат.

Автор: Сајмон Букс

Извор



912

X